Поглед:
10
Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, а сè повеќе луѓе од Западен Балкан, посебно помлади, веруваат дека никогаш нема да се приклучат на Европската унија, стои во заклучоците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.
На дебата во Стразбур за европската перспектива на Западен Балкан, во таа насока најконкретна беше поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која предупреди дека ЕУ им отстапува простор на Кина, Русија и Иран.
„Времето за Западен Балкан истекува. Тука е Кина, тука е Русија, тука е Иран. ЕУ мора да работи веднаш“, кажа Бакојани.
Известувач за Западен Балкан е исто така грчки пратеник, поранешниот премиер Јорго Папандреу, сега член на Комитетот за политички прашања и демократија на Советот на Европа. Во заклучоците се вели:
„Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сè поголем број луѓе, посебно помлади, мислат дека европската перспектива никогаш нема да се материјализира. Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот“.
„Додека европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини, изјави Папандреу појаснуваќи дека „овој тренд може да стане уште посилен бидејќи Западниот Балкан, посебно по последиците од војната во Украина, ризикува да стане простор за геополитички антагонизам кој што може да извезе нестабилност во ЕУ“.
На дебатата за Западен Балкан немаше пратеници од Бугарија бидејќи новото Собрание не е конституирано по парламентарните избори што се одржаа на почетокот на месецов, а имаше тројца претставници од Македонија.