Дождот не ги спречи сточарите од кумановско Тромеѓа. И денеска го блокираа регионалниот пат Куманово-Свети Николе. Остануваат на своите барања и не дозволуваат уништување на здравите свињи. Посочуваат дека во селото освен појавата во едно одгледувалиште, во сите останати нема присуство на африканската чума. Појаснуваат дека оствариле средба со претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство, но не дошле до заедничко решение. Нагласуваат дека селото живее од сточарството. Стравуваат дека по уништувањето ќе се зголеми цената на свинско месо. Агенцијата за храна и ветеринарство претходно потврди присуство на болеста кај свињите во едно одгледувалиште.
„После првиот случај издржавме 20-ина дена, тој период е до 40 дена и се надеваме дека повеќе нема да се појави. Доколку се појавеше свињите ќе умреа за ден-два и сметаме дека не треба да се уништуваат нашите свињи кои се здрави“, вели Владан Станојковски, заменик претседател на месна заедница село Тромеѓа.
„Штом не се шири болеста, да не ни ги уништуваат здравите свињи и помладок, мора да имаме од тоа живееме. Мора да разбере Владата ако ослабне селото, и граѓаните ќе ја почувствуваат кризата“, истакна Драгољуб Димитриевски, жител на село Тромеѓа.
„За месец дена можат да донесат одлука да ни ги уништат и тие крави што ги имаме а ние и така ги намаливме, јас мислам дека ова е срамота што се прави“, вели Стојанче Стошиќ, жител на село Тромеѓа, кумановско.
Сточарите од кумановска Тромеѓа протестираат од 5-ти декември. Во ова село има регистрирано нешто помалку од 1.000 свињи. Нагласуваат дека протестите ќе продолжат и наредните денови. Во кумановско претходно протестираа и одгледувачи од Љубодраг, Умин дол, Ново село и Речица. Прв случај на африканска чума беше регистриран на почетокот од октомври.
Елена Георгиевска