Поглед:
2
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во интервју за новиот број на неделникот Фокус ја коментира одлуката на спикерот Талат Џафери да ја отфрли иницијативата за одржување на референдум за поништување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
-Талат Џафери во минатото имал многу улоги, а сега и противправно си ја додаде улогата на уставен судија. Толкување на Устав е работа единствено на Уставниот суд. Прават правни гимнастики за да избегнат народ – вели Мицкоски.
Според него, ова покажува дека власта е свесна оти на референдум би имало излезност, бидејќи народот е против договорот кој, како што додава, е извор на асимилацијата што СДСМ и Димитар Ковачевски ја спроведуваат.
-ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не ја менува содржината на договорот, туку го спори законот со кој тој се прогласува за важечки. Бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз, после кој следи одговорност пред законите и Уставот – истакнува Мицкоски.
Тој посочува дека ваквиот чекор на власта ќе ги заостри односите, но, како што нагласува, напуштање на Собранието нема да биде начинот на кој ќе одговори опозицијата.
-Тоа е единствениот начин власта да спроведе сѐ што ѝ одговара. Тие би сакале празни пратенички клупи и да си поминат сѐ што сакаат. Имаме намера внатре од Парламентот, ваков каков што е, да се бориме да ги спречиме штетните политики на власта – порачува Мицкоски.