Правниот тим на екс генсекот на Владата, Драги Рашковски денеска посочи дека постои одлука на Владата на Република Северна Македонија за набавка на „спорниот“ софтвер којашто датира од декември 2019 година.
За тоа, како што велат, постојат и документи што потврдуваат дека софтверот има технички прием.
„Тоа значи дека е почитувана целосно постапката за набавка во Влада и дека целиот процес е легитимен. И покрај тоа што тој документ постои и докажува дека се е законски спроведено, ОЈО го игнорира овој факт и свесно продолжува да брани обвинение кое нема никаква основа. Имено, во дописот испратен до Основното Јавно Обвинителство во јуни 2021 ги има сите документи, одлуката, записник од техничкиот прием, потврда дека софтверот е во сопственост на државата. Нејасно е зошто одлуката на Влада не се доставува како доказ од ОЈО. Постапката е целосно почитувана за набавка на софтверот, а јавното обвинителство игнорира дел од документите за да прикаже друга реалност. Поставуваме прашање, дали се бориме вистината да излезе на виделина, или некој намерно сака да прикаже сосема друга слика во јавноста. Зошто овие документи не се презентираат во Судот“, велат тие.
Поради тоа, додаваат, следниот месец ќе направиме и јавно вештачење на централна скопска улица за да се увери јавноста дека софтверот функционира.