Поглед:
31
Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за зачувување на партиското единство, се вели во реакцијата на истакнaти членови на ДУИ испратена до медиумите.
Потпишана од Изет Меџити, Висар Ганиу, Муса Џафери, Невзат Бејта и уште неколку членови на владејачката ДУИ, во реакцијата тие реагираат за како што велат, состојбите во партијата во последните две години.
Потписниците тврдат дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со партиските бази.
„Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби“, пишува во соопштението.
„Нема отчет за работата на Владата и политичката програма речиси две години. Поради нефункционирањето на организациониот живот на ДУИ, ние констатираме дека има пад на поддршката на партијата (последните избори во Тетово!) Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“, се вели во реакцијата.
Тие бараат Али Ахмети како партиски лидер да го зачува, како што напоменуваат, партиското единство, да се отвори внатрепартиска дебата за надминување на состојбата, но и да се даде отчет и одговорност од носителите на извршната власт.
„Апелираме да се прекине внатрешната политичка „војна“ во партијата. Ги повикуваме членството и партиските структури да се ангажираат за надминување на состојбата. Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за зачувување на партиското единство“, стои во напишаното.
Реакцијата до медиумите од страна на членовите на ДУИ е испратена од е-маил адреса на Општина Чаир.