„Исправени сме пред не мала задача, како во време на длабоки поделби да ја обновиме свеста за општото добро и да размислуваме и работиме не само за личниот интерес“, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во превечерието на 11. октомври за време на доделувањето на медали за заслуги на македонски изведувачи.
Претседателот рече дека во минатото кога сме немале слободна македонска држава, народните песни им давале сила и надеж на нашите предци да ги издржат сите премрежија.
„Денес, творештвото на нашите македонски уметници не го дели, туку го сплотува народот. Колку и да сме раскарани сепак ги слушаме и пееме истите песни кои не потсетуваат дека сме дел од еден народ“, рече во своето обраќање претседателот на државата.
Тој додаде дека преку народниот мелос најавтентичко го доживуваме македонскиот јазик како наша единствена комплена татковина.
„Иконите на македонската народна музика ни даваат пример како заедно можеме да ги надминеме и актуелните предизвици, за песната Параходот ни пристигна, да не биде наша судбина и нашите животни патеки да не ги газиме далеку од татковината“, заклучи Пендаровски.
Во пресрет на чествувањето на Денот на народното востание – 11 Октомври, вечерва на свечена церемонија во Скопје претседателот Стево Пендаровски со Медал за заслуги, доделен за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки, ги одликуваше уметниците Анка Гиева и Виолета Томовска и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски.