Најдобро оваа вест би била дел од рубриката: Верувале или не. Месец и пол Македонија е без министер за локална самоуправа, Уставниот суд кубури со кадар па пет месеци чекаше избор на уставни судии, Собранието од 5 имаше само 1 потпретседател, а денеска народните претставници избраа и тоа.
Три големи работи во еден ден. Па редно е да се праша, ова е нашето Собрание или некое друго. И тоа не е било кој ден, туку ден пред викенд, петок.
(Не)работата на Собранието беше запишана и во последниот извештај од Европската унија.
Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2022 година се оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. ЕК нотира дека пратениците треба да бидат активни и да имаат позитивна улога во процесот на преговори со ЕУ.
Европската комисија нотира дека се потребни „заеднички и брзи напори од сите партии како приоритени чекори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ“.
Исто така се посочува дека надзорот врз извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се спроведува поредовно, како и дека Парламентот треба без натамошно одлагање да ги спроведе договорените предлози за внатрешни реформи за време на третиот круг од „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.