Половина од граѓаните не се задоволни од квалитетот на услугите кои ги дава јавната администрација а близу 60% сметаат дека бројот на вработени во јавниот сектор треба да се намали. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 49,9% од граѓаните рекле дека генерално не се задоволни од услугите кои ги добиваат од јавната администрација додека 36,4% велат дека се задоволни.
Споредбата со истражувањето кое на иста тема ИПИС за Детектор го спроведе во 2019 година покажува дека незадоволството на граѓаните значително се зголемило, па за 4 години од мнозинство задоволни граѓани денеска, имаме мнозинство незадоволни. Ако во 2019 48,2% од граѓаните рекле дека се генерално задоволни од услугите кои ги добиваат од јавната администрација денеска нивната бројка се намалила на дури 36,4%. За разлика од тоа, бројот на незадоволни граѓани за 4 години скокнал од 41,3% на 49,9%.
Анализата на етничката структура на граѓаните кои одговарале на ова прашање покажува значителни разлики меѓу Македонците и етничките Албанци. Па така, 55,7% од Македонците велат дека не се задоволни од услугите на јавната администрација наспроти 33,7% кои велат дека се задоволни. Кај Албанците ситуацијата е сосема различна. Таму, мнозинството граѓани или 44% велат дека се задоволни наспроти 37,1% етнички Албанци кои велат дека генерално не се задоволни од услугите кои ги добиваат од јавната администрација..
Најголемо мнозинство граѓани или 19,4% најчесто имале потреба за услуга од јавната администрација на МВР. 11,6% од општините и 7,9% од Фондот за здравство. Најголемиот дел од нив или 22,9% велат дека не се задоволни од ниту една услуга која ја добила јавните институции. 13,1% најзадоволни се од услугите на МВР а 7,5% од оние кои ги нудат општините.
Најголем број граѓани или нешто над 8% велат дека најнезадоволни се од услугите на Фондот за здравство.
Близу 60% од граѓаните сметаат дека треба да почне процес на отпуштања во јавниот сектор. 58,9% се на ставот дека јавната администрација треба да се намали, 17,2% сметаат дека нивната бројка не треба да се менува, а 9,4% мислат дека треба да вработиме дополнителен број административци.