1.8 C
Skopje
среда, април 5, 2023

ОДЛОЖУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ СИГНАЛ ЗА ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМ – тема утрешниот разговор за менталното здравје во организација на „Ротари Клуб Скопје Интернационал“

ТОП ВЕСТИ


За подигнување на свеста за значењето на менталното здравје, „Ротари Клуб Скопје Интернационал“, продолжува со серијата отворени разговори насловени „Криза на менталното здравје, знаеме ли што ни се случува? Пандемија во пандемија.“


Тема на утрешниот отворен настан е исклучително актуелна тема „Прокрастринација – современ крадец на времето“. Прокрастринацијата или одложување на обврските, честопати е сигнал за психички проблеми со кои се соочуваат голем број на луѓе, особено младите. Иако овој проблем најчесто се смета за недостаток на одговорност, не ретко причините се психолошки и затоа важно е навремено преземање на соодветни мерки. За тоа како да се надминат овие предизвици утре вечер ќе зборува Василка Димовска, психолог и гешталт терапевт. Настанот почнува во 20.00 часот, ќе се одржува онлајн и е отворен за сите заинтересирани на Zoom линк кој е достапен и на профилот на „Ротари Клуб Скопје Интернационал“, на социјалниот медиум „Facebook”.

Менталното здравје сеуште е тема за која не се зборува многу, а не се преземаат и посериозни чекори за подигнување на свеста, особено кај младите, за значењето од навремена реакција и преземање на соодветни мерки. Од друга страна, истражувања посветени на менталното здравје укажуваат на фактот дека повеќе од 450 милиони луѓе во светот страдаат од нарушување на менталното здравје. Според извештајот на Светската здравствена организација околу 20 отсто од децата и адолесцентите имаат ваков тип на проблеми. Дополнителен ризик-фактор беше пандемијата од Ковид-19, која предизвика и зголемување на проблемите со менталното здравје.

Тргнувајќи од овие факти, а имајќи предвид дека лицата кои се соочуваат со вакви проблеми понекогаш не се свесни за својата состојба, „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ ја започна оваа иницијатива, создавајќи платформа на која ќе може отворено да се зборува за овие проблеми и да се посочи начинот за соодветна стручна помош за младите, но и за сите останати заинтересирани за темата. Оттука, „Ротари Клуб Скопје Интернационал“ ги повикува сите кои имаат потреба од помош или сакаат да дадат свој предлог да ѝ се приклучат на оваа иницијатива.

Ова е четврти по ред отворен разговор на тема ментално здравје. Од првиот, кој се одржа во февруари годинава, овие разговори понудија психолошки совети и стручни насоки, но и станаа вистинска можност за размена на идеи и создавање на партнерства во интерес на подигнување на свеста за менталното здравје.

Ротаријанците од целиот свет повеќе од 110 години работат на промовирање на позитивните вредности, солидарноста и хармонијата во светот. Ваков тип на активности се спроведуваат во преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, а кај нас функционираат 20 клубови на Ротари, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на своите цели.

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО