Поглед:
756
пишува: проф. Денко Малески
Америка, во основа, е едно бенигно чудовиште. Спремно е да седне на преговарачка маса да разгова и со најмалата држава и да види што може да стори за неа. Се разбира, доколку им се поклопуваат интересите, тој најсилен бонд меѓу државите, како впрочем, и меѓу поединците. Тоа е моето искуство со оваа светска велесила од првите години на независноста.
Деновиве разбирам дека на повидок е продлабочување на нашиот заеднички договор за стратешко партнерство од 2008. Значи, пак, сме во невоља, исто онака како што бевме во невоља по грчото вето на нашето членсство во НАТО на самитот во Букурешт. Во каква невоља се македонските политичари?
Македонската политика, мислам, сака да го ублажи потенцијалниот удар врз себе во случај на не кревањето на бугарското вето во јуни. Америка како и секогаш, тука е да ни помогне. Но, еве парадокс. Вистинската стратешка цел на Америка не е толку продлабочување на договорот за стратешко партнерство со Македонија колку интеграција на нашата држава во ЕУ.
ЕУ, имено, е нивната стратешка цел од времето непосредно по Втората светска војна кога помошта од Маршаловиот план за Европа беше условена со соработка меѓу европските држави. Таа соработка ќе ја произведе Заедничката комисија за јаглен и челик меѓу Франција и Германија, а потоа и ЕЗ.
Зошто тогаш Америка не ни го реши спорот со Бугарија и така да ја оствари својата стратегија на ширење на евро-атлантската зона на демократии со почнување преговори со Македонија? Одговорот е еден и е од дамнина, но нашите политичари никако да го апсолвираат ни после четвртвековното искуство со Грција: Сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, а не оние на аспирантите за членство.
Па тоа не е во согласност со меѓународното право дека сите држави се суверени и еднакви. Не е. Но е во согласност е со реалната политика која почива врз моќта и интерессите. Затоа и меѓународната политика е една многу тешка и ризична дисциплина.
Водачот на македонската опозиција не мисли така. Бара од членките на ЕУ да го осудат, како вели, кршењето на меѓународното право од страна на Бугарија исто онака како во случајот со Украина. ЕУ може да ја осуди но не може да стори повеќе.
Паметам дека земјите членки на ЕЗ, во еден момент, ја дадоа Грција на Европски суд заради ембаргото врз Македонија, па ништо не помогна. На мојата забелешка во европското седиште во Брисел дека јужниот сосед се однесува насилнички кон нас, добив совет за односите меѓу државите. Не одете во уличката во која е насилникот оти ќе ве претепа иако правото ќе биде на ваша страна.
Со сета осуда на бруталната руска агресија врз една земја која сака самата да си ја избере својата европска иднина, сепак можеме да кажеме дека една повнимателна украинска политика ќе настојуваше да ја избегне уличката на страшниот насилник на својата граница.
Основната цел на малите или на слабите држави во светската политика е да преживеат. Никави „херојства“ на нивните политичари не помагаат. Сите успеси на Македонија, од независноста до денес, се производ на компромиси и избегнување на уличките на насилниците, дома и надвор. И обратно.
Еден пруски владетел заклучил дека дипломатија без моќ е како музика без инструменти. Токму така. Некогаш и со свиркање со уста мораш да го постигнеш она што другите го остваруваат со музички инструменти. И треба да свиркаш најдобро што знаеш за да го спасиш народот од невоља.
Денес, опозицијат и власта се единствени: нема повеќе да свиркаме. Доколку не добиеме датум за почеток преговори во јуни ќе речеме „доста е“. Тоа е како да рекле: сакаме Земјата да престане да се врти, за да слеземе. Државата Македонија ја нема таа опција. Политичарите ја имаат: оставка.
преземено од Либертас
Нема „доста е“ во меѓународната политика