Поглед:
34
Со голема загриженост ја следиме состојбата на северот на Република Косово. Нападот врз полицијата на Косово и ЕУЛЕКС, како и сите акти кои водат кон ескалација на ситуацијата се неприфатливи, напиша вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османов на својот фејсбук профил.
-Отстранувањето на сите барикади и воспоставувањето правна држава е императив. Охрабруваме сеопфатно решение во согласност со посредување, пишува во статусот на министерот Османов.
На изјавата реагира лидерот на партијата Македонски Концепт, Петар Богојески кој му посочи на Османов да биде претпазлив каде ја замешува Македонија и во чие име говори.
Богојески потенцира дека Османов е дел од нелегитимна влада, која ја нема поддршката од македонските граѓани, а со тоа и нема легитимитет да носи клучни одлуки, особено не во регионална и меѓунардона сцена.
-Господинот Османов треба да знае дека е македонски министер, без разлика дали е етнички Албанец и дека говори во име на Македонија. Тој нема ниту право, ниту легитимитет да ја вмешува Македонија во косовската криза, особено не во име на сите наши граѓани, меѓу кои има и етнички Срби.
Богојески смета дека Македонија си има свои интереси по тоа прашање, а тоа е запазување на добрососедските односи со Србија и Албанија, со еднаква дистанца, а не пристрасно заземање на страна.
-Сите министри се заколнуваат пред македонскиот Устав, доколку господин Османов е заколнат пред косовскиот, слободно може да биде косовски министер. Се надевам таму ќе биде поуспешен.
Мора да бидат почитувани правата на сите етнички заедници, без разлика дали живеат во средина со мнозинска албанска етничка заедница. Ако до сега водевме грижа за интеграција на Албанците, сега е време токму тие, Албанците да докажат дека ја заслужиле нашата доверба и дека знаат да ги почитуваат права на малцинските заедници, без разлика дали е македонската во Тетово или српската во Митровица.
Во спротивно, тие се изневериле самите себе и ќе ја изгубат нашата почит, слично како во случајот со застанувањето на бугарска страна, а против Македонија. – заклучува Богојески.