Сите овие портокалови точки кои се прикажани на мапата на Скопје се објекти кои го загадуваат воздухот бидејќи се греат на нафта и мазут. Мапата е изработена од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Според нив, над 100 објекти го загадуваат воздухот со вакви согорувања.
-Со цел да им се помогне на институциите да ги согледаат сите страни на проблемот изготвивме мапа која го покажува процентот на јавните институции меѓу загадувачите. Мапирани се јавните објекти и установи кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Мазутот е исклучително „валкан“ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот! Јавни објекти во Скопје кои се загреваат на нафта за домаќинство и мазут има најмалку 100. Барем ние толку успеавме да пронајдеме. Сигурно има уште…, велат од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Аријанит Џафери од Невладината организација „Еко Герила“ тврди дека има многу институции кои го загадуваат воздухот и дека надлежните не покажале интерес за промена на начинот на греење.
-Властите во нашата земја никогаш не пројавија интерес за промена на начинот на греење во јавните објекти, што најверојатно би влијаело врз загадувањето на воздухот, односно би го ублажило големото загадување. Имавме многу разговори со надлежните власти, и на централно, и на локално ниво, дека приоритет е да се промени системот за греење во јавните објекти како најголеми загадувачи во споредба со домаќинствата.-вели Џафери.
На оваа мапа е означен и Институтот „Козле“. Го прашавме директорот Бесник Зеќири, но тој негира дека оваа болница го загадува воздухот.
-Институтот „Козле“, за греење користи електрични котли со фенкулери (топлински пумпи кои ја одвојуваат топлината од надворешниот воздух, што придонесува греењето во Институтот да е ефикасно). Само во најстудените денови се користи екстра лесно масло, за разлика од другите институции кои немаат алтернативно греење. Екстра лесното масло за греење ЕЛ-1 кое се користи во Институтот „Козле“ е согласно стандардите на РСМ и не го загадува воздухот-изјави директорот Зеќири.
Став побаравме и од Министерството за животна средина – дали ќе се преземат мерки против аерозагадувањето, но до ова информативно издание не добивме повратен одговор.