3.8 C
Skopje
сабота, април 29, 2023

Маричиќ: Македонската Влада е подготвена да ги исполни условите потребни за ефективно учество во истражувачки програми

ТОП ВЕСТИ

Македонската Влада е подготвена да ги исполни условите потребни за ефективно учество во истражувачки програми, со цел Северна Македонија да се интегрира во Европската истражувачка област и да дава свој придонес во неа, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на билатералниот скрининг состанок со Европската комисија за Поглавјето 25 – „Наука и истражување“.


– Преговорите со ЕУ отвораат нов циклус во развојот на науката и истражувањето во Северна Македонија и секако ни дава добра рамка и голема мотивација да продолжиме по патот што го одиме, рече Маричиќ.

Како што соопшти СЕП, главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, ја искористи приликата и накратко ги претстави реформите и работата преземена во областа, укажувајќи на она што досега е преземено и она на што се работи.

– Северна Македонија е во завршна фаза на развивање на Стратегијата за паметна специјализација, следејќи ја стандардната методологија на Европската унија и во континуирана комуникација со Заедничкиот истражувачки центар. Усвојувањето на Стратегијата за паметна специјализација и поставувањето на институционалната инфраструктура за поддршка на соработката меѓу академијата и бизнисот е од особено значење за создавање конкурентна економија, рече Маричиќ, додавајќи дека имаме развиено и национален патоказ за истражувачка инфраструктура и дека Фондот за иновации и технолошки развој како агенција за имплементација континуирано спроведува активности поврзани со доделување средства за иновативни проекти во мали и средни претпријатија.

Тој посочи дека буџетот за истражување е двојно зголемен во споредба со претходните две години и дека е насочен кон финансирање на научно-истражувачки проекти и истражувачка инфраструктура, како во академската средина, така и во јавните истражувачки институции.

Маричиќ, додава СЕП, укажа дека истражувањето и иновациите во денешно време се сметаат за двигатели на секоја економија која се стреми да биде попросперитетна и поконкурентна.

– Во исто време, истражувањето и иновациите се сметаат за средства за постигнување дигитална и зелена трансформација на секое општество. Како земја членка на ЕУ, ќе имаме можност целосно да учествуваме во истражувачките програми на ЕУ, што значи вклучување на македонските истражувачи во големи проекти за иновации, истражување и наука, рече Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ изрази задоволство што Северна Македонија ќе биде домаќин на овогодишниот министерски состанок за Западен Балкан во Скопје на 5-6 јуни, бидејќи според Маричиќ „овој состанок е од политичко и стратешко значење за нашата земја, но и можност за министрите од Западен Балкан, високите претставници на Комисијата, другите релевантни чинители да се вклучат во значајна дискусија и да развијат уште подлабоки врски и соработки“.

Северна Македонија од јануари 2021 година е полноправна членка на програмата на Унијата „Хоризонт Европа“ за истражување и иновации, во која учествува под истите правила и обврски како и земјите-членки на ЕУ, со што Европската комисија дава стратешкото значење кое се рефлектира преку агендата на Комисијата за иновации, истражување, образование, култура и млади, информирааат од Секретаријатот за европски прашања.

На билатералниот скрининг состанок учествуваа претставници на Работната група предводена од Министерството за образование и наука како главна институција за Поглавјето 25, како и претставници на Министерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, Државниот завод за индустриска сопственост, експерти од академската средина, Комисијата за спречување на корупција, кои ја презентираа правната рамка, нивото на усогласеност, институционалната рамка и идните планови во областите: наука, политики за истражување и иновации, аспект на рамнотежа меѓу половите, концептот на отворена наука, заштита на индустриската сопственост во контекст на истражување и развој, учество во програми на Европската унија и соработка со други европски и меѓународни мрежи, тела и агенции.

Следен состанок на билатералната скрининг агенда, од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, е за Поглавје 19, „Социјална политика и вработување“, кое ќе се одржи од 10-12 мај.

Во рамки на работната посета на Брисел, вицепремиерот за европски прашања ќе се сретне со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО