Поглед:
17
Вчера, 25.08.2022 година со Решение на Основен Суд Скопје, под РПП 20/22, официјално била регистрирана политичката партија Македонски Концепт!
Според информациите во јавноста, наскоро ќе се случи и промоција на Доктрината на партијата МКонцепт, во која централно место зазема грижата за реалниот човек и квалитетот на неговиот живот, прогресивниот економски раст и развој на земјава и националната македонска Кауза за воспоставување на граѓанска Република врз темелите и вредностите на Илинден и Крушевската Република и нејзиниот Манифест.
Симбол на партијата ќе биде илустрација на непокорниот борец од Мечкин Камен, како порака за непокорниот карактер и безпрекорна борба на партијата Македонски Концепт за слобода и државност на Македонија.
Националниот тим лидер на партијата, Петар Богојески објави дека „не е важно дали си со основно, средно, високо или повисоко образование, дали си сиромав или богат, дали си работник, земјоделец, пензионер, даскал, еким или газда… без разлика на твојата вера, народност или убедувања… ако си еснав човек, домаќин човек, со образ, од збор, тука да се чувствуваш како свој на своето, Македонија да си ја сакаш повеќе од себе, ако таа е наша заедничка Мајка и за тебе… тогаш пријателе бујрум во МКонцепт!“ – затворен цитат.
Партијата нема да има класична структура како останатите во Македонија, таа ќе биде уникатно организирана со Тим лидери по различни области кои се значајни за граѓаните, нема да има претседател туку национален тим лидер на чело, извршен директор на партијата и регионални центри.
Таа ќе биде единствена партија со таков силен демократски Статут, каде доколку за некоја одлука има 1/3 негативно гласање, одлуката ќе биде повторно ставена на проверка и гласање. Во партијата се легитимни секакви иницијативи на сите членови, за кои задолжително мора да се расправа пред органите на истата.
Интересно е што партијата беше формирана на граѓанска иницијатива и за само неколку денови се собраа повеќе од 1200 потписи, а парите за регистрација ги платија самоиницијативно граѓаните кои ја поддржаа нејзината регистрација.