Државјанин од Македонија, на возраст од 42-години е уапсен во Швајцарија поради сомневање дека ја убил сопругата, која исто така имала корени од Македонија.
Швајцарскиот портал „20мин.цх“ пишува дека тие живееле во кантонот Тургау. Според медиумот, во петокот, околу 11 часот, мажот се јавил во Центарот за итни случаи во швајцарската област и пријавил дека фатално ја повредил сопругата.
Порталот „албинфо.цх“ пишува дека станува збор за Албанец од Македонија кој е иселеник, татко на три деца.
Македонскиот државјанин е уапсен на лице место. Според тамошните медиуми, тој не пружал отпор, соопштила кантоналната полиција Тургау. Јавното обвинителство отворило истрага, додека полицијата ги испитува сите околности.
Медиумите пишуваат дека и убиената жена има корени од Македонија. Тие се повикуваат на извори меѓу роднините. Тие имаат и три ќерки, кои се тинејџерки. Според роднините, кои зборувале со новинарите, парот имал повеќе расправии, а планирале и развод.
Опишувајќи го семејството, роднините кажале дека тие имале расправии.
„Човекот неодамна не може да работи поради болест. Тоа и пречеше“, вели роднината, за „20мин.цх“, па додава: „Порано беа толку среќни, многу се смееја. Но, во последните неколку недели врската се влоши“.
„Во шок сме“, вели еден жител. Тој го опишува осомничениот како „искрен, фин и нормален човек“. Често се смееше и беше добро расположен.