Многу е важно децата од мали нозе да ги учиме за безбедност и здравје при работа затоа што е тоа иднината на државата, од ученици еден ден ќе станат работници и ќе бидат на пазарот на труд, за да можат да бараат безбедни услови при работа, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На настанот „БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“ организиран од страна на здружението за заштита при работа на општина Битола, здружението за безбедност при работа „28ми април”, Скопје и здружението на инженери за заштита „Тутела’’, Скопје, што се одржа во рамките на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, министерката посочи дека со обезбедувањето на добри услови за работа има двојни придобивки.
– Од една страна, компаниите што обезбедуваат здрави и безбедни услови за работа имаат многу попродуктивни работници, а од друга, работникот е среќен и задоволен затоа што работи во безбедни услови за работа и се чувствува сигурен во делот на безбедноста и здравјето во своето работно место, рече таа.
Тренчевска информираше дека во моментов се работи на новиот предлог на Законот за безбедност и здравје при работа кој што, како што рече, треба да наведе и наставни содржини во процесот на образование за безбедноста и здравјето при работа и закон кој што ќе биде усогласен со сите европски директиви кои што се однесуваат на безбедност и здравје при работа и ќе обезбеди многу поголема заштита на работникот на работното место.
Дејан Ангеловски од здружението на инженери за заштита „Тутела“ истакна дека неофицијалната бројка на работници во земјава кои го загубиле својот живот на работното место изминатата година е 22.
– Сметаме дека со поттикнување на младите, унапредување на нивната свест во делот на безбедност и здравје при работа ќе придонесеме бројот на повреди од година да се намалува, рече тој.
Во рамките на денешниот настан беа доделени и награди за добри практики за компании како и конкурс за училишни творби, чија тема беше безбедност и здравје при работа.
Ангеловски информираше дека помеѓу наградените компании се Лимак, Комерцијална банка, Макстил и ЕВН Македонија, додека, на конкурсот пристигнале 205 творби помеѓу кои има наградени училишта од Кисела Вода, Штип и Прилеп.
Според Ангеловски, дел од вината за небезбедна работна средина е во работодавачите, меѓутоа, како што посочи, има вина и во работниците и нивната свест за зачувување на сопственото здравје.
– Не би сакале да посочуваме со прст кој е виновен, меѓутоа сепак сметаме дека генерално, не само државата, треба сите да се заложиме, почнувајќи од најмали нозе, самите институции, медиумите, да дадеме малку поголем акцент на безбедност и здравје при работа и не секогаш кога имаме некој прилог на телевизија, да ја гледаме онаа црна страна, негативна страна, малку треба да дадеме позитивен пристап за луѓето сфатат дека безбедноста е наменета за вработените, рече тој.