8.8 C
Skopje
среда, април 19, 2023

Ковачевски го брани Османи: Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е една од низата хистерии што ги шират!

ТОП ВЕСТИ

Во врска со обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека министерот за надворешни работи Бујар Османи го прекршил Законот за јазици, поради тоа што говорел на албански јазик на официјални средби, премиерот Димитар Ковачевски смета дека она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството.


– Прво, од Министерството за надворешни работи бараат извинување од партијата која што тоа го пласираше. Денеска, министерот за информатичко општество се обрати и на албански и на македонски јазик. Јас честопати на меѓународни настани се обраќам и на македонски и на англиски јазик. Сметам дека она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството. Прво, до пред некое време главна тема беше дека ќе сме се бугаризирале и асимилирале и дека ќе немало македонски јазик. Откако го потпишавме Договорот од ФРОНТЕКС на македонски јазик со сите други јазици на Европската унија, таа тема гледам дека не ја употребуваат, иако воопшто не влегуваа ниту да го гласаат договорот. Кога една година по изгласувањето на заклучоците по францускиот предлог во Собранието и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, ние сме Македонци со наш заштитен македонски идентитет потврден и од ЕУ и од сите претставници на ЕУ кои што доаѓаат тука и гледам дека и таа тема ја нема, рече Ковачевски, кој во Владата заедно со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу одржаа прес-конференција на тема дигитализација.

Како што потенцира премиерот, опозицијата сега се врати на, како што рече, тоа што најдобро го знае – подгревање на етничките тензии во државата.

– Ако погледнете 11 години кога биле на власт, тоа беа темите – или беа конфликтите со соседите или конфликти внатре. Одговорот на Министерството за надворешни работи е соодветен на тоа што беше направено на празник Велигден, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ побара кривична одговорност за Османи и ги повика надлежните органи веднаш да поведат постапка, обвинувајќи го дека во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба со шефот на шпанската дипломатија не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата.

Министерството за надворешни работи побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ поради, како што наведе, изречените груби лаги во врска со обраќањето на министерот Бујар Османи на средбата со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено.

– Изминаа 24 часа откако беа демантирани грубите лаги од страна на ВМРО – ДПМНЕ, пласирани за време на празници, а партијата сѐ уште не испрати извинување. Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини и кон Министерството и пред сѐ кон јавноста која беше вознемирена за време на празници. Со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението од МНР.

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО