Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 вели дека ЕСМ понудила 13% повисока цена на електричната енергија кон ЕВН.
Според него, тоа нема да направи зголемување на цената кон крајните потрошувачи.
„Овој пат ЕСМ понуди цена, наместо досегашните 48 евра за мегават/час, сега понуди цена од 56 евра за мегават/час кон ЕВН Хоум. Тоа е 13% зголемување или дополнителен приход, согласно количините кои што ги бара ЕВН за првите шест месеци, тоа се нешто над 2 милиони мегават часови. Тоа е дополнителен приход на страната на ЕСМ околу 16 милиони евра, но исто така ЕСМ во вториот продукт до ЕВН Електродистрибуција, каде што се нуди струја за технички и комерцијални загуби во системот на дистрибуција, понудивме цена од, наместо досегашните 143 евра за мегават час, сега цената е 110 евра. Тоа е минус 23%“, вели Ковачевски.
„Најверојатно ќе има одредено зголемување, меѓутоа тоа се категории на граѓани кои што користат и трошат повеќе енергија, и имаат веројатно можност да платат повисока цена на енергија“, вели Ковачевски.
Тој додаде дека они не одлучуваат која ќе биде цената, туку тоа го прави Владата на затворена седница.