Претседателот на државата Стево Пендаровски прашува како ќе биде спроведен ветингот кој се најавува откако преку објава на Фејсбук новата Амбасадорка на САД во земјава, најави дека доаѓа тим да гони корупција во земјава.
„Не само како процедурално ќе биде поставен, туку кој ќе го спроведува ветингот. Ние можеме да влеземе во тоа, но ако јас, ти, ние сите тука од оваа ситна корупција која ја споменува и амбасадорката и другите, ќе отидеш ќе оставиш шише виски на некого за да завршиш работа на шалтер, па до високата корипција кога станува збор за провизии и тендери, ако истите тие луѓе, а ние сме, тие сме луѓето кои живееме во Македонија, со ова однесување, со оваа култура и менталитет дека мора негде да се подмачка или да најдеш свој човек или некаков ситен или крупен рушвет да дадеш, каков ќе биде квалитетот на тој ветинг“, изјави синоќа претседателот на Стево Пендаровски во интервју за Алсат.
Тој додава дека доколку се оди на тој чекор, тогаш мора да биде под силен мониторинг на ЕУ и САД. Од друга страна додава дека надворешни лица не може да гонат или да се мешаат во внатрешноста на државата, туку тимот од САД ќе собира само податоци.
„Јас сакам да видам луѓе од Брисел кои заедно со нас тука ќе го работат тој ветинг“, додаде Пендаровски.
Тој исто така се осврна и на ветингот кој неодамна го спроведуваше и Албанија, потвртувајќи дека епилогот од тоа е сега нефункционален Уставен суд, оти од судиите само двајца успеале да поминат низ тој процес.