Догодина ќе има бесплатен јавен превоз за скопјани најави градоначалничката Арсовска, но по најавениот штрајк на ЈСП-неизвесно е дали граѓаните зависни од градските автобуси ќе може да стигнат на работа. Возачите бараат да им се исплати платата. Ако Владата не го исплати долгот на Министерството за образование во износ од 120 милиони денари, возниот парк на ЈСП ќе се паркира на Илинденска.
Од Владата велат – немаат долг кон ЈСП, а состојбата во која е доведено претпријатието е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и не ги намируваат навреме обврските.
„Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова министерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП Скопје“, се вели во одговорот од Владата.
ЈСП бара пари од Владата, а секојдневно трупа долгови кон приватните превозници. Иако од претпријатието велат дека фактурите ги плаќаат на време, приватните превозниците чекаат околу 60 милиони денари за извозените, а ненаплатени километри.
По најавата за протест, се огласи и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Бараат вонредна седница на која ќе достават одлука за префрлање на средства на ЈСП и приватните превозници, за како што велат да не се дозволи Скопје да остане без јавен превоз.
Од СДСМ вината ја гледаат во локалната власт. Заради тендери и провизии, заради рацете во медот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, градскиот превоз во Скопје и ЈСП се доведени пред колапс. Наместо бесплатен превоз Скопје е на раб да остане без градски превоз, нешто што досега е незапаметено, велат од СДСМ.
Анита Димитријевска Велковска