Потребна е ефикасна имплементација на постоечката легислатива, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, се наведува меѓу другото во нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап.
Северна Македонија е умерено подготвена според речиси сите критериуми, се вели во нацрт-извештајот на Европската комисија, кој ќе биде објавен во среда. Добар напредок има само во економските критериуми, а многу добри резултати има и во усогласеноста на државата со европската надворешна и безбедносна политика.
Во извештајот се наведува дека работата на парламентот била нарушена со политичка поделеност која го одложила усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на законите по итна постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.
„Потребни се одлучни напори за да се воспостави моментум за реформи и пристапување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е посебен фокус за да се обезбеди ефективно спроведување на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, се наведува во извештајот.
Охридскиот договор се уште се спроведува, а меѓуетничките односи се оценети како стабилни.
ЕУ изјави дека граѓанското општество сè уште игра важна улога во процесот на донесување одлуки и во следењето на активностите на државата. Сепак, потребна е поголема транспарентност и инклузивност во одлучувањето.
Контрола врз работата на тајните служби
Во извештајот се наведува дека се направени реформи во безбедносните служби, но потребно е зајакнување на капацитетите за парламентарен надзор над работата на тајните служби.
Доцни донесувањето на законот за службеници во администрацијата и законот за работниците во јавниот сектор.
„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во решавањето на случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и назначувањето на членови на надзорен и управен одбор“, се наведува во извештајот.
Усогласувањето со ЕУ е многу добро, особено околу Украина
Во однос на усогласувањето на Македонија со надворешната и безбедносната политика на Европската унија, забележан е многу добар напредок, при што земјата целосно застана на страната на ЕУ во однос на руската инвазија на Украина.
„Со ова Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“, се наведува во извештајот.
Потребни се повеќе пари и луѓе за борба против корупцијата
Правниот систем има постигнато одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен. Започна подготовката на нова судска реформа која мора да биде посистематска. Судството покажа дека е посветено на заштита на својот интегритет и независност, се вели во извештајот.
За спречување и борба против корупцијата државата има постигнато одреден степен на подготвеност и е умерено подготвена.
Случаите поведени од поранешното Специјално јавно обвинителство продолжија со утврдување одговорност за незаконското прислушување“, се наведува во извештајот.
За голем број предмети, како што се наведува, има првостепени пресуди, а постапки се поведени и против високи владини функционери.
Потребни се повеќе пари и луѓе во Јавното обвинителство и антикорупциските единици, се заклучува во извештајот. Потребни се поголеми напори за зајакнување на ефикасноста во борбата против перењето пари.
Се вели дека е постигнат одреден напредок во борбата против тероризмот. Треба да се продолжи со реинтеграција и ресоцијализација на повратниците од странски боишта.
Обраќање на работните права на новинарите
Правната рамка за заштита на основните права во голема мера е во согласност со европските стандарди, се наведува во извештајот.
Земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување. Реформите во македонската радио и телевизија се во застој поради доцнењето со именување членови на Програмскиот совет. Неопходно е да се разгледаат работните права на новинарите, се наведува во извештајот.
Сивата економија го кочи бизнисот
Земјата одржува добри односи со другите земји од регионот кои се во процес на европска интеграција. Се наведува дека Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведат со добра волја на сите страни.
Во однос на економските критериуми, земјата постигна добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија. Неопходно е да се подобри управувањето со јавните инвестиции. Банкарскиот сектор остана стабилен, но од друга страна, големата црна економија го кочи бизнисот.
Европската комисија на 12 октомври ќе усвои пакет за проширување на земјите од Западен Балкан, со посебен извештај за секоја земја која е во процес на европска интеграција.
Во јули, Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со која официјално беа отворени преговорите за членство. Скринингот е во тек, а отворањето на поглавјето ќе се случи откако Бугарите како малцинство ќе бидат вклучени во македонскиот устав, што беше услов Софија да дозволи почеток на преговорите.