Премиерите на Северна Македонија и Хрватска, Димитар Ковачевски и Андреј Пленковиќ денеска се сретнаа со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, архиепископот Стефан и премиерот Ковачевски упатија голема благодарност до Пленковиќ за поддршката на хрватската Влада во изградбата на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ во Загреб.
– На средбата заеднички беше констатирано дека со изградбата на овој православен храм се остварени децениските желби на македонското национално малцинство за свој верски дом во Хрватска, се вели во соопштението.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и премиерот Ковачевски истакнаа дека неизмерно го ценат потегот на загрепските градски власти, кои што доделија земјиште за да се изгради црквата, како и за донациите на Загреб и Сплит и донациите на нашите државјани, Македонци во Хрватска, кои ја помогнаа изградбата на овој православен храм.
Ковачевски потенцира дека со изградбата на православниот храм за потребите на македонското малцинство, хрватскиот народ го негува мултикултурниот дух и почитувањето на правата на различните малцинства кои живеат во Хрватска.
При тоа, беше истакнато и дека нема отворени прашања меѓу Католичката црква и МПЦ-ОА, којашто е во канонско единство со сите останати православни цркви.
На средбата, г.г. Стефан и Ковачевски, до премиерот Пленковиќ, кој денеска престојува во официјална посета на земјава, и до хрватскиот народ упатија честитки во пресрет на претстојниот христијански празник – Велигден, кој припадниците на католичката вероисповед го прославуваат неделава.