5.8 C
Skopje
вторник, април 4, 2023

Истражување: 65 отсто од граѓаните се лечат со помош на Интернет, а еве какви лекови чуваат дома!

ТОП ВЕСТИ


Граѓаните во земјава најчесто во своите домашни аптеки имаат лекови за настинка, воспалено грло и кашлица, а главоболките или болките во ’рбетот и екстремитетите се најчестите акутни проблеми.


Националното истражување за состојбата со здравјето и употребата на лекови во земјава, што го спроведе фармацевтска компанија во период од септември до октомври 2020 година во урбани и рурални средини меѓу население на возраст од 18-70 години, покажува дека за 65 проценти од граѓаните, интернетот е важна алатка за истражување на сопствените симптоми или за добивање дополнителни информации за добиената здравствена дијагноза.

– Во домашните аптеки најчесто се наоѓаат производи кои регуларно може да се издаваат без лекарски рецепт, 80 отсто од испитаниците одговориле дека вообичаено дома ги имаат овој тип на производи, како што се таблети, капсули, масти и гелови за вообичаените тегоби или болести. Видови на лекови кои граѓаните ги имаат во своите домашни аптеки, независно дали спаѓаат во оние кои регуларно се издаваат со рецепт или не, најчести се лековите за настинка, воспалено грло и кашлица (75 проценти), додека 73 отсто се изјасниле дека дома имаат антипиретици за намалување на високата температура, а аналгетици имаат 61 проценти од луѓето, покажуваат податоците од истражувањето.

Употребата на производи против алергија покажува глобален раст, а во домашните аптеки во земјава на 47 отсто од населението содржат и антиалергични лекови. Една од состојбите која често се среќава во истражувањето е дијарејата поради што 44 проценти од луѓето дома имаат лекови и препарати за оваа тегоба. Во домашните аптеки кај 37 проценти има и лекови и препарати за обработка на површински рани.

Акутни здравствени проблеми

– Главоболките или болките во ’рбетот и екстремитетите се најчестите акутни проблеми за граѓаните на Македонија. Според истражувањето 85 проценти од испитаниците се пожалиле на овој тип на болки, додека 61 отсто се соочуваат со респираторните инфекции со/и без повисока температура. И тоа 38 проценти се изјасниле дека со респираторни проблеми се соочуваат еднаш до три пати годишно, а 24 отсто рекле дека состојбата се повторува повеќе од четири пати годишно. Гастроинтестиналните проблеми се појавуваат во одговорите на 60 проценти од испитаниците, додека алергијата е присутна во анкетите на 36 отсто од испитаниците, се вели во соопштението.

Околу 40 проценти од луѓето користат аналгетици на месечно ниво, додека 22 отсто од испитаниците ги користат на неделно, останатите 38 проценти се изјасниле дека користат ретко или воопшто не ги користат.

– Многу помал број од испитаници се изјасниле дека посегнуваат по лековите за смирување и тоа 15 проценти се неделни корисници, а 13 отсто се месечни корисници, додека една петина од луѓето имаат лекови за полесно варење. Овие податоци укажуваат на современ начин на живот кој со себе носи стрес и лоши навики во исхраната, кои изискуваат поддршка, покажуваат податоците од анкетата.

Од јануари 2020 година, 63 отсто од луѓето користеле антибиотици. Во просек луѓето зеле 2,6 пакувања антибиотици од почетокот на пандемијата.

Хронични состојби и лекови

– Истражувањето покажува дека нешто повеќе од една третина од луѓето велат дека имаат хронична состојба поради која мораат редовно да користат лекови. И тоа 15 проценти од испитаниците се соочуваат со кардиоваскуларни проблеми, што значи дека болестите на срцето и на крвните садови се најчестото хронично заболување. Алергиите се високо листата со 7 отсто, главоболките и дијабетес со по 6 проценти, по што следат ревматолошките проблеми со 5 отсто. Испитаниците подеднакво се пожалиле на болестите на штитната жлезда, на ’рбетниот столб, на органите за варење, на белодробните заболувања, како и стресот и другите психолошки проблеми – по 4 проценти, се наведува во соопштението.

Граѓаните со хронични заболувања во просек користат по 3,3 различни лекови за лекување на хронични состојби.

Суплементи

– Речиси две третини или 61 процент од испитаниците се изјасниле дека консумираат намирници и состојки за кои сметаат дека се корисни за нивниот имунитет. Физичката активност е вториот приоритет за одржување на здравјето, односно 55 отсто од испитаниците се изјасниле дека одат на редовни прошетки или рекреативно спортуваат. Од додатоците за зајакнување на имунитетот граѓаните преферираат или суплементи со витамини и минерали или препарати посебно наменети за подигање на имунитет – 48 проценти, покажуваат податоците од истражувањето.

Минералите и витамините вообичаено се користат сезонски, односно кога луѓето сметаат дека им е потребна заштита, а најголем број испитаници претпочитаат поединечни витамини и минерали. Луѓето во просек земаат најчесто околу 3 производи на минерали и витамини. При изборот на производот најмногу влијае советот од докторот, а потоа на фармацевтот. Сепак, кога се бира лек во аптеката, речиси 4/5 луѓе сметаат дека советите на фармацевтот се важни.

За здравствени проблеми 3/5 од населението секогаш се обраќаат на лекарот за совет, додека останатите кај доктор одат само за посериозни здравствени проблеми.

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО