3.8 C
Skopje
среда, април 5, 2023

ИМАМЕ РЕШЕНИЕ за администрацијата, Богојески во интервју за Локално.мк

ТОП ВЕСТИ



Поглед:
19


Интервјуто на Петар Богојески, национален лидер на партијата Македонски Концепт го пренесуваме во целост:

„Благоевград нема да биде центар за провокации“, велат од бугарската општина откако го забранија отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“. Од друга страна, на нашите соседи веќе им се дозволи да отворат два такви, третиот е на пат, и тоа со имиња кои се „почитувачи“ на фашизмот. Како оттука натаму?

– Македонски концепт е партија на оптимисти за иднината на Македонија. Не за власт по секоја цена, туку за офанзивни политики во сите области и во надворешната политика. Ние можеме поинаку да го затвориме бугарското прашање и да ја реализираме амбицијата за влез во ЕУ за релативно краток период. Не треба да лечиме, туку да спречиме. Нема потреба да влегуваме во живковистичко сценарио на клубови и нивни отвoрања и затворања. Ние треба да си го гледаме нашиот македонски пат. Бугарскиот проблем се решава на ист начин како што Ацо Големиот го решил Гордиевиот јазол. Со меч! Нашиот меч ќе биде нов граѓански Устав на Македонија. И крај! Сѐ е решено. Со еден куршум, сто зајаци. Тие нека врзуваат јазли колку ќе посакаат. Нашиот „меч“ ќе ги разреши засекогаш.

Очекувате ли понатамошни пречки на евроинтегративниот пат по последниве случувања во двете земји? Дали зад овие провокации може да се види, како што сакаат некои да прикажат, улога на Русија?

– Секако дека Бугарија нема да дозволи влез на ваква Македонија во ЕУ, никогаш. Таа сака да го исполни сонот за непостоење на Македонија на Македонците и за воспоставување на некоја идна голема руска измеќарка на Балканот. Да не заборавиме, бугарската држава е создадена со помош на царска Русија. Руски интерес е да нема проширување на ЕУ на Балканот. Тука интересите им се поклопуваат, и Бугарија де-факто доследно ја извршува руската стратегија. Наша задача е да докажеме дека тоа не се европски вредности, тоа не се модерни вредности. Да создадеме блок на пријатели кои истото го препознаваат и ќе нè подржат во уривањето на овој налудничав бугарски сон.

Ја оправдувате ли целосната поддршка на земјава за Украина во конфликтот со Русија? Каков впечаток ви остава народното расположение – дали се „за“ или „против“ постапките на Русите?

– И Македонија и Украина имаме иста мака, ние се бориме за правото да постоиме. Она што Русија и го оспорува на Украина е постоењето на украински народ, јазик, држава, нам тоа ни го оспорува Бугарија. Оттука е сосема нормално да има солидарност помеѓу државите кои се нападнати. „Новиот светски поредок“ на Путин ја загрозува државноста на Македонија, а светот го враќа во време на империјализмот, кога големите ги окупираа малите држави, кога и да посакаа. Секој македонски патриот е обврзан да се бори против тоа, бидејќи Македонија е конституирана како држава за време на поствоениот воспоставен поредок од 1944 година и во наш македонски интерес е истиот да продолжи, преку механизмите на ООН, без разлика колку се тие ефикасни.

Изминативе денови е актуелна дебатата за „рамковен договор за ЕУ“, нешто што го навести како можност МНР Османи. Треба ли заеднички, наднационален договор, за ова прашање?

– „Нов рамковен договор“ ние не отфрламе. Напротив го сметаме за потребен. Охридскиот договор е минато свршено време и истиот покажа низа дефекти во функционирањето на модерна граѓанска држава, каква што сака да биде Македонија. Товарот за влез во ЕУ мора да го понесеме сите граѓани на Македонија, а не само етничките Македонци. Тука е, впрочем, потребата од нов рамковен договор, за воспоставување на целосно нов ГРАЃАНСКИ УСТАВ на Македонија, отфрлање на рамки, „бадентери“, балансери, квоти, кои го уништија квалитетот на животот на сите граѓани, особено образованието и здравството. Таа „нова граѓанска Република“ ќе биде прогресивна, модерна, стабилна и посакувана во Унијата. Во таа смисла, ја поздравуваме идејата за нов рамковен договор.

Би гласале ли за внесување на Бугарите во Уставот на РСМ доколку, хипотетички, се најдете во следниот состав на Собранието?

– Никогаш, па ниту тогаш! Нашиот став е јасен, нов граѓански Устав на Македонија во кој нема да има остатоци од болшевизам за народи и народности, за делови од народи и слични глупости, туку ќе има ГРАЃАНИ со загарантирано право на самоопределување и себеидентификување на каков етнички, верски, јазичен, политички, сексуален и било каков друг идентитет му припаѓаат. Впрочем така денес фунционираат најуспешните демократии, на пример САД.

Колку превирањата во ДУИ се некакво навестување за предвремени избори? Потребни ли и се на земјава избори „веднаш“, како што милуваат секојдневно да кажуваат од опозицијата?

– Тоа се непотребни анализи. Станува збор за акција на Ахмети да ги приземји високо полетаните функционери како Груби и тајфата. Не се вознемирувајте премногу, ДУИ не одлучуваат кога ќе има избори. За тоа си има договор помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, за жал. На Македонски Концепт како партија не и одговараат брзи избори, но за Македонија и за нашиот народ се неопходни. Бидејќи ние сме заколнати дека ќе служиме на народот, а не на партијата, застануваме во редот на оние кои бараат итни и неодложни избори.

Треба ли да се почека да се стабилизира економската и енергетската криза или сте на мислење дека оваа Влада не може да го донесе тоа? Дали, реално, за оваа криза треба да се обвинува само Владата?

– Оваа влада нѐ внесе во ваква економска и енергетска криза, оттука налудничаво е да се очекува од истите кризни профитери да нѐ извлечат од истата. Секако дека овие се некадарни и немаат капацитет за ништо. Вината за кризата не е во Украина и Русија, туку во домашните арамии, кои упорно ги гласа нашиот народ. Со немо стоење на страна, гледање сеир, утре ние ќе бидеме виновниците. Македонски Концепт повикува да ги кренеме главите, да го повишиме тонот, нема веќе од што да се плашиме. Ова не се трпи! Време е заедно да дејствуваме, да направиме рестарт на системот и оваа држава да е подобро место за живот уште денес.

Актуелен е „раздорот“ во Град Скопје помеѓу довчерашните партнери ВМРО-ДПМНЕ и Градоначалничката Арсовска. Валканите алишта веќе почнаа да се вадат, има индикации за сторен криминал и од двете страни, а се чини работите допрва ќе ескалираат. Како вие гледате на оваа ситуација, каде е решението со цел да не страдаат граѓаните поради лични партиски (и криминални) интереси?

– Циркузот во Град Скопје мора итно да престане. Срамота е! Дно! Решението е во народот, следен пат да внимава за кого гласа! А не за време на избори кога сите се „јаки мангупи“, а после тоа ќе плачеме четири години. Треба граѓаните да се освестат дека од нивниот глас зависи како ќе живеат следните години. А тие си знаат што ќе направат на следните избори.

Македонски концепт, чиј лидер сте Вие, веќе се регистрира како партија, како Вие се подготвувате за тоа што следи? Што имате да понудите во споредба со другите македонски партии? На минатите избори имавте околу 2.600 гласа…

– Македонски Концепт е нова и поинаква партија на политичката сцена во земјава. Тоа е партија на народот. Ние имаме уникатен КОНЦЕПТ за рестарт на овој целосно девастиран систем, за брзо подобрување на квалитетот на животот на реалниот човек. МК до сега не учествувал на избори. Во 2020 година имаше граѓански листи на граѓанско движење Македонски Концепт со поддршка на друга партија. МК првото вистинско учество ќе го има на следните избори. Понудата е јасна, продуктивно општество. Немаме македонски прозвод по кој не препознава светот, а од тука немаме ниту идентитет. Време е да влеземе во 21-ви век, не само декларативно, туку реално. Граѓанска Република од претседателски тип, со мала влада и регулаторни тела, реформа на јавна администрација преку тотална дигитализација и концептот на јавно претриемништво. Тоа не е јавно приватно партнерство, па гледам мнозина полуписмени политичари од власта и опозицијата се обидуваат да не копираат и парафразираат! Не, не е тоа! Нашиот пристап и решенија се уникатни, за рестарт на системот во земјата. И економски и политички!

Ние сме за 50% намалување на институции и администрација. Пример, државата вработува околу 135.000 лица, а приватниот сектор околу 660.000 лица. Тоа значи дека еден вработен во јавен сектор го издржуваат пет вработени во приватен сектор. Ако најниска плата е 18.000 денари, би требало истата да биде исплатена од 10 вработени во приватен сектор со персонален данок од 10%. Доколку денешната состојба од 5 за 1 ја доведеме на 10 за 1, ќе постигнеме апсолутна рамнотежа и квалитет на услуги и конкуренција на пазарот на трудот. Тоа ќе го постигнеме со уставена одредба во новиот граѓански Устав, каде нема да може да има повеќе од еден вработен во администрација на помалку од 10 вработени во приватен сектор.

Во иднина, после нашите реформи, партиите и да сакаат да се вратат на старото и да ја полнат администрацијата со партиски војници, тоа ќе биде против уставно и нема да може да го направат. Ние сме оптимисти дека граѓаните ќе ни дадат шанса за тотален рестарт на системот и за ваква темелна реформа, со која еднаш за секогаш ќе ставиме ред на пазарот на трудот. Само така ќе имаме задоволни граѓани со висок стандард, покачен квалитет на живот на реалниот човек кој живее во земјава, и продуктивно општество, извозно определено кон светот. Да извезуваме храна, софтвер и туристичка понуда. Да бидеме светски шампиони во тие три категории по на жител.

Познат сте по своите остри коментари, некои ги нарекуваат и премногу националистички и навредувачки. Има ли Македонски концепт коалиционен потенцијал?

– Истата работа можете да ја кажете со грст еуфемизми или со грст навреди. Во првиот случај сте предавник и лигуш, во вториот случај патриот. Таква ни е публиката, не е до политичарите. Јас 25 години потрошив да објаснам некои работи на првиот начин и ми здодеа да бидам „предавник и лигуш“. Сега истото го кажувам со поинакви зборови и пристап, верувајте покомотно е во светот на патриотите. Инаку за национализмот имам позитивно мислење, тоа е процес на градење на граѓанските нации, нешто што во Македонија никогаш за жал не се случи. Време е за изградба на современа, македонска, граѓанска нација. Тоа е тој прогресивен патриотизам од 21-ви век, кој е прогласен за официјална идеологија на Македонски Концепт.

Ние сме најпосакуван партнер на сите партии, но работата е што ние сакаме поинаква политика во земјава, а не коалиција со старите и истрошени профитери. Ние не сме пајтон партија, формирана со пари и потписи од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, па да должиме некому. Ние сме уникатни, слободни и никому ништо не должиме. Оттука, имаме слободно право да ги бираме нашите коалициони партнери, согласно вредностите во кои сме убедени, а не согласно голи партиски и лични интереси. Кој прифаќа граѓанска држава и нов Устав на Македонија, тука сме за коалиција.

На што ќе се фокусира Македонски концепт во наредниот период?

– Донесување на стратешките документи и мобилизација на силни поединци низ целата држава. Тоа е организирана мрежа на поединци, кои се подготвени најнапред внатрешно во себе да се променат и да се борат за целосни општествени промени, но и подготвени дел од своето време да потрошат за Македонија. Ние нема да организираме трла на партиски овци – колективитети како другите постболшевички партии кои постојат во земјава. Ние сме уникатни и во организацијата, преку тимови со тим лидери во области и стручна надлежност. Ние сме партија на силни индивидуалци, зашто целиот наш Концепт се базира на индивидуализмот. Нашата доктрина не е само празна буква на хартија, ние истата ја практикуваме и во самата партија, ја живееме, а доколку граѓаните ни дадат шанса, ние истата ќе ја практикуваме и во државата. Тогаш ќе имаме вистинска нормална држава на задоволни граѓани со висок квалитет на живот. Ние тоа го можеме!

Интервју на Богојески за Локално.мк

Интервју со Богојески: „Новиот светски поредок“ на Путин ја загрозува државноста на Македонија, а светот го враќа во време на империјализмот

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО