Поглед:
1
Од МНР очекуваат ангажманот на асистенти на членовите да влијае на поефективно работење на Комисијата.
Со совети, мислења и подготовка на материјали, тројца историчари и двајца администратори ќе им помагаат на македонските членови на заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија.
Членовите на македонскиот тим на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија ќе добијат свои асистенти.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека е формиран Секретаријат на Комисијата составен од помошници, кои ќе им помагаат на членовите со свои мислења и познавања на одредена тема, а ќе ги обезбедуваат и потребните материјали.
Иако договорите со нив ги склучува МНР, Османи уверува дека министерството нема да се меша во изборот на асистентите и дека нив ќе ги предлага исклучиво Комисијата.
„Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе и ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат, ќе им подготвуваат во административниот дел во менаџирањето на нивната работа, значи тоа ќе биде цел секретаријат во функција на поефикасно подготвување и функционирање на историската комисија, а нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа“, изјави Османи на редовниот брифинг со новинарите.
Од македонскиот тим на Комисијата велат дека асистентите не мора да бидат исклучиво историчари, но дека е неопходно да бидат стручни во областите за кои се разговара.
Претседателот на комисијата Драги Ѓоргиев вели дека функцијата на асистентите треба да биде советодавна, односно да можат со нив да разменуваат мислења и да добиваат совети за конкретната област која на некоја од седниците се дебатира.
Ѓоргиев вели дека и досега членовите на Комисијата имале консултации со многу ниви колеги историчари, но очекува овој секретаријат да ја забрза динамиката на работењето на Комисијата.
Засега комисијата побарала тројца асистенти, но од МНР велат дека се подготвени да одобрат и повеќе луѓе доколку Kомисијата процени дека и се потребни.
„Тоа се луѓе во функција на членовите на комисијата засега побарале тројца историчари, двајца административни работници, а ако има потреба за повеќе ние разбираме, бидејќи во овој процес квалитетот е многу поважен отколку бројот на луѓе кои ќе им бидат потребни“, вели Османи.
Министерот меѓу другото соопшти дека е формирана и интер-ресорска работна група (со која ќе раководи министерот) и четири тематски подгрупи на експертско ниво кои ќе го следат процесот на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Протоколот кој беше потпишан со Бугарија.