Поглед:
8
Дали драмата со дојави за бомби во средните училишта е всушност подготовка полесно да се прифати онлајн настава?!
Знаејќи дека престои тешка зима, а заради економска и енергетска криза, онлајн наставата се споменуваше како една од можните мерки за штедење во училиштата. Родителите со различни ставови за ова прашање. Дел од нив инсистираат за онлајн настава уште за време на ковид кризата но поголемиот дел се против ваквиот начин на одржување на наставата. Онлајн наставата не го постигна посакуваниот ефект.
Недоволно електронски обучен наставен кадар со потешкотии ги одржуваа своите часови или воопшто не ги одржуваа. Поголем дел од учениците се соочуваа со проблеми од типот на електронски уреди до немање на интернет конекција. Резултатите катастрофални. Изгубени години, нереализирани програми, ученици без дружба и образовно „осакатени“ генераии.
По дојавите за бомби во неколку скопски средни училишта, а за кои повторно се утврди дека се лажни, не стивнуваат реакциите на родителите, но и на самите професори за тоа колку ваквите настани може да предизвикаат вистинска трагедија. Велат кој и да се шегува, си игра со оган. Дел од нив веќе апелираат наставата да почне да се одвива онлајн додека не се смири ситуацијата.
Истовремено професорите посочуваат дека воопшто не е едноставно на сред час да им се соопшти на учениците дека треба да ги напуштат мирно просториите. Колку и да се внимава, состојбата за момент може да излезе од контрола.
Драмата со сомнителниот заканувач
Полицијата го ослободи приведениот за заканите со бомбите и изврши претрес во неговиот дом.
23-годишниот Никола Николовски кој беше приведен поради сомневање дека тој ги доставил лажните дојави за бомби во девет средни скопски училишта се огласи на социјалните мрежи, истакнувајќи дека на полицијата со него се однесувала на крајно брутален начин.
Николовски на социјалните мрежи се обрати преку профилот Боемот и истакна дека бил обвинет за дело кое не го направил.
– Во текот на вчерашниот ден, среде бел ден и во време на вршење на моите работни обврски бев лишен од слобода, по што до доцните часови бев држен во полициска станица, без можност за контакт со моите пријатели, роднини и најтесното семејство. Јавен распит, претрес на мојот дом од страна на 10 полицајци, меѓу кои имаше и вооружени, мое спроведување од полициска станица до дома во придружба на вооружени службеници како најголем криминалец, товарење за дело кое не сум го направил и е апсолутна невистина! – изјави Николовски.
Од МВР пак потврдија дека е извршен распит со Николовски, како и дека се одземени предмети за вештачење.
– Со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во неговиот дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот. – велат од МВР.
Од обвинителството пак велат дека првичните вештачења покажале дека нема поврзаност на приведениот со дојавите за бомби во средните училишта.
– Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода. – велат од ОЈО.
Приведувањето на 23-годишниот Никола го критикуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека криминалци се шетаат, а недолжни луѓе се приведуваат.
Во оваа држава и со оваа власт, се е можно и се може да се очекува.