Директорот на затворот „Идризово“ Зоран Јовановски не знае зошто неговиот заменик Феми Јонузи го користел за приватни потреби и се развозувал со службеното возило кое вчера изгорело пред џамија во скопско Студеничани, јавува СДК.мк.
„Зошто го користел службениот автомобил за приватни потреби како одење во џамија и слично, јас истражувам и за тоа сигурно ќе бидете известени“, одговорил за СДК.мк директорот на КПУ Идризово Зоран Јовановски.
Од порталот го прашаче и зошто заменик директор да има службено возило, згора на тоа и возач, покрај другите привилегии на државен трошок, а според Јовановски, тој претходно ги имал привилегиите, но кога дошол на функцијата пред неколку месеци, му го одзел службеното возило.
Но, ситуацијата во затворот се сменила.
„Со оглед на последните случувања во затворот, службеното возило што му го одзедов претходно на мојот заменик, сега со наредба му го вратив. Му го доделив пак, зашто според интерниот план што го донесовме, заменикот Јонузи од неодамна е задолжен да врши ненајавени контроли на вработените во затворот. Задолжен е да ги проверува вработените и ноќно време“, додал Јовановски.