Поглед:
4
Често ЕУпесимистите или луѓето кои се длабоко разочарани од ЕУ, делумно со право, нас посветените борци за целосна интеграција на Македонија во ЕУ не нарекуваа ЕУфундаменталисти, но забораваат да истакнат што тоа значи и зошто сме за ЕУ – пишува лидерот на Македонски Концепт Петар Богојески.
Ние не бегаме од фактот дека сме фундаменталисти, особено што се гордееме токму со фундаменталните вредности на Унијата. Сме подзаборавиле, па ајде да потсетам кои се тие вредности, поради кои нашата Македонија и ние Македонците одамна се определивме.
Ние ЕУфундаменталистите сме строго за ЕУ која се држи до нејзините основни вредности и принципи, во спротивно таа не може да биде онаа ЕУ за која ние сме се определиле. Тоа е исто како некоја религија и секта. Ако религијата стои на фундаменталните верувања, таа е религија, а ако ги напушти, тоа е секта. Ние сакаме во „религијата“ ЕУ, а не во „сектата“ ЕУ.
Првата вредност за која сме се договориле, согласно член 2 од Договорот за Европската Унија е човеково достоинство, за кое кажавме дека е неприкосновено. Дека тоа мора да се почитува, заштитува и дека тоа ја чини реалната основа за фундаменталните права. Дали овие избугарени напади врз човековото достоинство на Македонците е ЕУ вредност?
Втората врадност во која јас лично сум заколнат, а ЕУ и се поклонува е слобода. При тоа, не се договоривме само за слободата на движење која им дава право на граѓаните да се движат и да имаат живеалиште слободно било каде во рамките на Унијата, туку пред и се за индивидуалните слободи како што се почитување на приватноста, слободата на мислата, религијата, собирањето, изразувањето и информациите, кои се заштитени меѓу другото и со Повелбата за основни права на ЕУ.
Дали избугареното оспорување на правото на Македонците на самоопределување, приватност, слобода на мисла и убедувања, слобода на изразување, се ЕУ вредност? – прашува Богојески.
Трето за кое се договоривме е функционирањето на ЕУ да биде засновано врз репрезентативна демократија. Да се биде европски граѓанин, значи да се уживаат политички права. Дали избугареното оспорувања на македонската реалност е во рамки на овој ЕУ договор?
Четврто, прецизиравме дека еднаквоста се однесува на тоа дека сите ние ќе имаме еднакви права и ќе сме исти пред законот. Дека таа еднаквост ќе се применува во сите области. Дали ЕУ обезбеди еднаков пристап во интеграциите за Македонија како за другите земји, на пример за Бугарија?
Петтото за кое се договоривме беше тоа дека ЕУ се заснова врз владеењето на правото. Сè што прави ЕУ е засновано на договори, доброволно и демократски договорено од нејзините членки. Дали ЕУ смета дека Македонија доброволно се согласи на бугарски или грчки договор? Дали Бугарија или Грција ги почитуваат договорите кои ги потпишаа со Македонија?
Ако државите на ЕУ му ја пренесоа надлежноста на последна инстанција на Европскиот суд на правдата, чии пресуди мора да ги почитуваат сите, зошто Бугарија и Грција не ги почитуваат токму тие пресуди на токму тој суд во врска со Македонија и Македонците? – истакнува Богојески.
И конечно, шестто се договоривме дека човековите права се заштитени со Повелбата за основни права на ЕУ. Тие ги опфаќаат правото на човекот да не биде предмет на дискриминација врз основа на пол, расно или етничко потекло, религија или убедувања, инвалидитет, возраст или сексуална ориентација, право на заштита на личните податоци или право на пристап до правда.
Дали јавното оспорување на основното човеково право за етничко определување на нас Македонците од страна на официјална земја членка на ЕУ, е согласно овој договор? Дали можеби ние Македонците не сме луѓе со човекови права, па ова не важи за нас?
Очекувам за оваа тема сериозни разговори со ЕУ, но не со сервилни измеќари како овие од власта, туку со нас, вистинските ЕУ фундаменталисти во земјава. – најавува Богојески.