Со само 30 години д-р Симона Патчева ја менува реалноста во кардиохирургијата во Македонија и во пристапот и третманот на пациентите. Како дел од тимот на Клиника „Жан Митрев“ стана првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија и е предводник на новата генерација кардиохирурзи со обука и знаење во современа технологија применета во спасување животи.
*Вие сте првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија, како се одлучивте за специјализација во ова поле. Што претставува кардиохирургијата за вас?
Уште од средношколски денови ме интересираше медицината, а особено внимание ми привлекуваше срцето и кардиоваскуларниот систем. Од секогаш за мене срцето претставуваше центар на интерес, делумно и филозофски – центар кој ги контролира емоциите, карактерот на човекот, детерминацијата дали еден човек ќе биде добар или не, а секако плејмејкер на целиот организам кој го диктира темпото на останатите органи. Иако потајно замислував и сакав да бидам кардиохирург, свесна бев уште од тогаш дека е тоа тежок пат пред се, а уште потежок за жена бидејќи сепак ова е гранка од медицината која се третира како машка и важи тоа дека само најиздржливите и најхрабрите можат да успеат.
Уште оттогаш идол ми беше д-р Митрев, редовно го читав тогашното списание „Здравствен код“ и се интересирав за патот на еден кардиохирург. При една прилика на кардиолошки конгрес се запознав со докторот и му кажав за мојата амбиција и желба да специјализирам кардиохирургија, на што тој ми одговори „само напред“ и притоа давајќи ми го највредниот поттик дека кардиохирургијата е вистинскиот начин да се помогне некому и дека можностите и перспективата пред мене се бескрајни.
*Кариерата ја започнавте од Клиника „Жан Митрев“, какви се можностите за развој, надградување и професионален напредок во тоа окружување?
По завршување на Медицинскиот факултет во Скопје, веднаш се запишав на Докторски студии на Медицинскиот факултет во Љубљана. Завршив временски во првите 10 студенти од мојата генерација, со висок просек, така што се запишав на докторски студии на 26 години. Се сеќавам дека уште додека бев таму, се појави оглас за вработување во „Жан Митрев“ Клиника и аплицирав. Ме побараа за интервју, после неколку месеци во првиот момент кога се вратив закажавме интервју и ме повикаа за вработување, така ова е моето прво работно место.
На прашањето што би специјализирала одговорот беше кардиологија- не се осмелував да кажам кардиохирургија. Сосема спонтано како дел од турнирите минував во операциона сала, д-р Митрев сака сите да пробаме и да се најдеме каде најмногу припаѓаме. Од тој ден останав во кардиохирургијата.
*Што според вас е најважното во пристапот и третманот на болните?
Најважна е емпатијата, човечноста, човек да се постави на место на оној кој има проблем, да се запрашаме како би се чувствувале доколку се работи за некој наш близок. Само тогаш може да се даде максимумот во негата, стопроцентно да се стават потребите на пациентот во тој момент на прво место.
*Како единствени претставници од Македонија, заедно со вашиот колега бевте дел од тимот што во Холандија го тестираше симулаторот со виртуелна реалност. Што ова претставува и каква новина носи во третманот на кардиолошките пациенти?
Технологијата како и во останатите сфери од живеењето така и во медицината ќе олесни многу работи. Виртуелната реалност е само еден пример како истата може да се искористи во тренингот на нас младите хирурзи и како да се подобри развивањето на рутината во работењето.
Симулаторот е наменет за едукација во областа на кардиохирургија, конкретно вклучување и исклучување пациенти од екстракорпорална циркулација, како и кардиопулмонална реанимација по кардиохируршка операција. Самиот симулатор се состои од ВР (virtual reality) очила кои се поврзани со палки кои се држат во рацете, а специјалниот софтвер на монитор ги емитува движења на специјализантот врз телото на виртуелниот пациент.
Примената на ВР симулатор за учење и тренинг на млади кардиохирурзи има повеќе предности, пред се во конкретната едукација. Убаво е чувството да се има можност да се учествува во развивањето на оваа алатка со идеи и сугестии и активно како дел од тимот на крај да излеземе со готов продукт кој се надеваме да биде прифатен од европската асоцијација за кардио-торакална хирургија и да стане дел од редовниот тренинг на кардиохирурзите.
Заради големите можности за учење и ваквиот начин на едукација и тренинг, овој симулатор се очекува да најде широка распространетост насекаде во светот веќе во следните неколку години.
*Колку е важно следењето на современата технологија во медицинскиот пристап и какво е вашето искуство стекнато во Клиника „Жан Митрев“?
За среќа во ЖМК се пратат светските трендови, технологијата е високо искористена. Ретка болница кај што се е дигитализирано, сите податоци се електронски, за нас како генерација која што е израсната со компјутери е навистина лесно и практично што од таблет може да се отвори на пример епикризата на пациентот и да се споредат лабаратории преку графици кои автоматски ги изработува софтер, без потреба да се пополнуваат тераписки листи како што тоа уште се прави на други места.
Коронарографии, рентгени се тоа се отвара преку еден клик. Убаво е што има многу контролни точки и можноста од грешка значајно се намалува.
*Какви се можностите за напредок на младите специјализанти во Македонија, што е потребно за да останете да работите дома?
Има простор за напредок и во Македонија, меѓутоа треба многу работа. Како студент имав можност да осетам како е да се живее и работи во други системи. Навистина специјализантите и младите лекари таму имаат среќа, имаат големи можности, огромен товар од грижа им е тргнат бидејќи државата се грижи за нив, нивна единствена задача е да учат, дежураат и да се грижат за пациентите.
Кај нас има уште многу останати административни работи, финансиски грижи, проблеми околу вработување доколку се работи за приватни специјализанти. Предноста што сум во приватна клиника за мене е голема, чувствувам сигурност, работам во систем каде што се наградува трудот и работата, колку ќе се вложи толку и ќе се добие. Среќна сум што имам можност да учам од најдобриот кардиохирург и тоа е за мене најголем мотив да дадам се од себе. Бидејќи знам дека еден ден ќе работам самостојно и тука нема простор за грешка или импровизација, или работиш како што треба или никако.
*Дали тоа што се случува со обвинувањата кон клиниката влијае врз вашата работа? Колку вие како медицинска лица го чувствувате тој притисок?
Минавме низ доста стресен период, секако дека не е сеедно да се слушаат тие обвинувања.
Секој од нас делумно тоа го осети и како личен напад.
Ние сме еден тим, работевме во ковид периодот неуморно, имавме и по 12 дежурства 24-часовни во тек на еден месец, тоа се многу часа откажување од својот личен живот за да помогнеме и спасиме што повеќе луѓе.
Не е пријатно чувството кога ќе се слушне дека не само што не се цени тој труд туку и најстрого е осуден.
Сепак мислам дека работата нѐ држи, ние неуморно работиме цело време па и немаме многу време за да се посветиме на коментарите од страна.
Извор: Нептрес