Денешните случувања во Судскиот совет попладнево беа прокоментирани од партијата БЕСА. Според нив, начинот на кој беше разрешена Весна Дамева е скандалозен, а се случува со единствена цел, да биде спасен судијата кој го извлече Сашо Мијалков од одење во затвор. Од БЕСА нагласуваат дека во Македонија не владее законот, туку ДУИ и СДСМ.
„Денеска уште еднаш се потврдија тврдењата на Движењето БЕСА дека судството е заробено од владејачките партии ДУИ и СДСМ. На денешната седница на Судскиот совет, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, беше арбитрарно разрешена, спротивно на законот и демократските вредности, само затоа што на дневен ред стави точка за отчет на судиите кои го застарија делото за Мијалков. Денеска уште еднаш се потврди дека во Република Северна Македонија не владее законот, туку владејачките политички партии ДУИ и СДСМ. Денеска уште еднаш се потврди дека сите судски одлуки кои ги носи највисокиот орган во рамките на судската власт, Судскиот совет, се носат по наредба на политичките партии кои се на власт. Ние како Движење БЕСА остро го осудуваме ова и ги охрабруваме, како меѓународниот фактор, така и граѓанскиот сектор, заедно со опозицискиот политички фактор на борба против оваа анархија и арбитрарност во рамките на судската власт“, рече Фатмир Сабриу, БЕСА.