Поглед:
20
ПЛАТИ ДАЛЕКУ НАД ПРОСЕК И ВЛАДИНИ ФУНКЦИОНЕРИ ПОД ПРОСЕK
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
По примерот на „штурецот и мравката“ и овојпат Владата ќе се справува со економската и енергетска криза. Кога ги шеташе своите 160 партиските другарчиња на Отворен Балкан на државен трошок, со службени возила не му текна ни за миг за некаква си криза. Кога ги полнат државните институции со некадарници заради коалициони договори и тогаш нема криза. Кога поставуваат директорчиња по партиски списоци и коалициски договори и тогаш нема криза. И огласите за вработување кога ви се објавуваат на партиски портали и тогаш нема криза.
Кога владините функционерчиња така наивно си прават набавки на јаткасти и морски плодови и тогаш не е криза. Додека нормалните држави со нормални влади правеа планови за нивните граѓани побезболно да ја дочекаат енергетската криза, нашите функционери се занимаваа со расправиите на Данела и Мицкоски, нарачуваа бугарски клубови и референдумски прашања.
Е времето си минува, летото помина, температурите опаѓаат, а цените на прехранбените производи стигнаа до плафон. И оп, на Таче му текна дека има криза и ги „замрзна“ така нереално зголемените цени. Супер! Им го загарантира и стабилизира грабежот на трговците. Му текна сега дека требало да се реорганизираат институциите,демек имало нереално високи плати над просекот.
Па добро што ти текна, ама реални или не тие плати се нечиј семеен буџет кој однапред е испланиран. Што ако тој, некој што според Таче има нереално висока плата врз основа на која се задолжил со станбен кредит за наредните 30 години, а со остатокот ја храни својата фамилија и само тој е вработен од целото семејство?! Сега во „5 до 12“ не се решаваат вакви проблеми, а најмалку со намалување на нечии семејните приходи.
Премиерот ќе си ги скрати прво своите привилегии, па привилегиите на своите министри и владини функционери. Ќе си ги намалите трошоците за гориво на службените возила, авионските карти и излишните турнеи по светот. Маричич ќе си го ставите на посебен режим на исхрана, на коалиционите партнери ќе им соопштите дека нема место во државните институции за „копачи на криптовалути“ и дека редно време е да почнат и тие да си ги плаќаат сметките за електрична енергија. За почеток е доволно само ова да го направите без никому ништо да му скратите.
Со вашите погубни политики го уништивте и стопанството. Успеавте да згаснете 9528 фирми во однос на минатата година, а сте создале 19 нови јавни институции на товар на државен буџет. Наместо да ги стимулирате стопанствениците за да продолжат да ви го полнат буџетот вие ги уништувате и отварате институции да го празнат дополнително.
Многу добро знаете дека заклучно со 31 декември 2021 година, во Регистарот на вработените во јавниот сектор се води евиденција за 1,346 институции на јавниот сектор. Споредено со извештајот за 2020 година кој содржеше податоци за 1,332 институции, бројот на институции на јавниот сектор е зголемен за 14. Доколку се разгледаат податоците за секоја од институциите одделно може да се види дека 19 се нови институции, 5 институции се згаснати, укинати или се трансформирани.
Зошто сте ги отвориле овие институции? Нели ви е срам да излезете пред граѓаните кога се во најголема неизвесност за својот опстанок и да им држите говори за натпросечни плати или намалување на истите!?
Ако пак имате искрени намери за реорганизација на државните институции ќе почнете од оние кои седат дома, а се на платен список. Ќе продолжите со оние накои никој не смее да им даде работни задачи бидејќи се блиски на владини функционери па ќе завршите со некадарните менаџери кои им се плашат на овие претходниве.
На овој начин ите како ќе се намали бројот на администрацијата притоа никој нема да ви замери за тоа, напротив ќе добиете и поддршка од граѓаните. Е да, можеби ќе ви се „раздрма“ коалицијата ама нели за државен интерес се работи!
Таче, бери памет додека имаш време за тоа. Како си тргнал, ќе бидеш запомнет за најголемата штеточина!