Во речиси сите домаќинства во тетовските рурални општини, тече бактериолошки неисправна вода за пиење, покажаа најновите анализи на Центарот за јавно здравје Тетово. Водата е загадена во селата, оти водоводните системи не се одржуваат и не се обезбедени. Така е со години, но најновите податоци се алармантни.
И додека луѓето од селата од петте тетовски рурални општини пијат неисправна вода, тетовската вода деновиве повторно е со променет мирис и вкус.
И за променетиот мирис и вкус има решение. Потребно е озонирање или употреба на јагленов филтер, методи кои се користат во други земји, каде граѓаните користат површинска вода за пиење.
Тетово се снабдува од два водоводни системи. Стар водовод кој зема вода од шарпланинските извори и нов водовод чии резервоари се полнат од река Пења, чија вода поради недоволно заштита, во овој период од годината има невообичаен вкус и мирис.
Зоран Димовски