Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска во Брисел се сретна со министерката за одбрана на Португалија, Хелена Кареирас со која разговараше за потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Португалија, за што се очекува наскоро да биде потпишан и Договор за соработка во одбраната.
„Потпишувањето на првиот договор за соработка во одбраната помеѓу Северна Македонија и Португалија кое го очекуваме наскоро, ќе ни биде нашиот патоказ како силно да ја развиеме сојузничката соработка помеѓу Северна Македонија и Португалија“, рече министерката Петровска.
Петровска порача дека Северна Македонија е активен сојузник во Алијансата и дека земјата е посветена на зацврстувањето на регионалната безбедност и стабилност, преку учеството во мисијата на НАТО на Косово, како и во мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
Северна Македонија е целосно прилагодена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, рече Петровска, и порача дека е потребно евроинтегративниот пат на земјите од Западниот Балкан да биде ефикасен и брз.
Министерката Кареирас истакна дека земјите со веќе усогласениот текст на Договорот за соработка го направија првиот чекор кон развојот на одбранбената соработка и дека таа има голем потенцијал за развој во иднина.