Поглед:
20
Само два месеци по промената на песната „Во борба македонски народе“, испеана од хорот на МОБ кој прескокна цела строфа за „смелите партизани кои се борат под знамето на Гоце Делчев“, на отворањето на прославата на Илинден во Крушево, се случува нова промена на револуционерна песна, овојпат на „ А бре Македонче“.
Имено, вчера, на главната прослава на празникот 11 октомври во Куманово, при изведбата на химната на партизанското движење во Македонија „А бре Македонче“, стихот во кој стои „клетите фашисти“, хорот на МОБ го испеа заменет со „душманите клети“.
Прв кој јавно реагираше и тоа на лице место, на самото одбележување на празникот во Куманово, беше градоначалникот Максим Димитриевски, кој во своето обраќање пред присутните и пред претседателот на Владата, не само што сигнализираше на оваа „ревизија” на зборот „фашисти”, туку и го изрецитира стихот правилно.
„Нека разберат, клетите фашисти, македонско име, нема да загине”, рече Димитриевски и додаде:
„Така ние ја учевме оваа песна, а нашите предци, на кои денес им се поклонуваме, рамо до рамо со светската антифашистичка коалција се бореа против нив и се изборија за она што ние денес го имаме”, рече Димитриевски.
Од Владата демантираа дека интервенирале во промената на текстот, додека од Македонска опера и балет се правдаат дека не правеле никаква цензура.
Тогаш, како на хористите туку така им текнало баш тој дел од текстот да го менуваат, со цел, очигледно, да не ги навредат соседите Бугари, токму на прославата на денот на народното востание, познат и како ден на „првата пушка” против бугарскиот окупатор.
Кој и по чија директива ги менува текстовите на македонските песни кои со децении се пеат, чии текстови народот ги прифаќа како свои и кои веќе се дел од македонскиот народен идентитет?
Да потсетиме, оригиналната верзија на песната е дело на Коле Чашуле, Крсте Црвенковски и Ордан Михајлоски Оцка, и тројцата борци од НОБ. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски – Оцка кој бил талентиран и образуван виолинист учествувал во создавањето на музиката за песната.