Презентирајќи ги новите мерки за ублажување на кризата кои главно се насочени кон граѓаните од ранливите категории, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека негова работа како премиер е да овозможи зимава да се преброди на најдобар можен начин.
-Клучната порака денеска е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката,… Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата, истакна Ковачевски.
Со најновата одлука, како што кажа, ќе се вратат парите на граѓаните, односно кај најранливите категории на граѓани. Усвоен е нов сет мерки вреден над 350 милиони евра за кој економскиот импакт се очекува да е голем.
„Наша цел е да ги искористиме ресурсите со кои располагаме, но и контактите со нашите пријатели од регионот, за да обезбедиме струја за семејствата, училиштата, болниците и претпријатијата. Mинистерот Бектеши беше во Турција за да разговара со нивната компанија за електрична енергија. Енергенси, струја и парно мора да има“, рече премиерот.
Премиерот очекува дека антикризните мерки ќе бидат поддршани од страна на сите пратеници во Собранието.
-Не можам да тврдам за Левица, но очекувам останатите пратеници целосно да го поддржат новиот сет мерки за најранливите категории граѓани со цел полесно надминување на економската и енергетската криза.
Тој се осврна и на средствата обезбедени со ребалансот на Буџетот кои ќе се реализираат во следниот период.