Реформите во јавните финансии мора да продолжат напоредно со политиките за справување со тековните предизвици од глобалните ценовни притисоци и енергетската криза. Само на тој начин може да се осигура одржливост и развој на економијата на среден и долг рок. Ова беше посочено на средбата на делегацијата предводена од министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска со директорот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Алфред Камер и заменик-директорката за Западната хемисфера на ММФ, Џули Козјак, која се одржа на маргините на годишната средба на Холандската конституенца на ММФ и Светска банка, од која е дел нашата земја. Годишната средба се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
Министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата посочи дека новиот системски Закон за буџети (Organic Budget Law), кој е согласно препораките на ММФ и ЕУ, е во финална фаза на усвојување. Законот кој ќе донесе суштински новини во јавните финансии – како Фискален совет и правила, Интегриран систем, среднорочно буџетирање, се очекува да биде донесен од страна на Собранието во текот на септември, со широк консензус, имајќи го во предвид неговото значење.
На средбата беа истакнати заложбите за одржување на макроекономската стабилност во земјава. Во прилог на тоа е и планираната фискална консолидација на среден рок, како и понатамошна поддршка на економскиот раст преку јавните инвестиции, вклучително и менување на буџетската структура во интерес на раст на инвестициите. Ова е предвидено и со Планот за фискална одржливост и економски раст 2022-2026 година. Со Планот се предвидуваат мерки за фискална консолидација, преку рационализација на одредени трошоци, како и мерки за подобрување на наплата на даноците. Во контекст на ова е и даночната реформа, која треба да обезбеди поправичен опфат кај даночните обврзници преку изземање на ослободувањата и повластениот третман. Понатаму, Планот кој ќе обезбеди одржлива и растечка економија, предвидува мерки за обезбедување на долгорочна конзистентност кај владините политики, како и дизајнирање на повеќегодишни индикатори за мерење на долгорочните ефекти од проектите финансирани со буџетот.
Во однос на тековната ситуација, на средбата беше истакнато дека војната во Украина носи голема неизвесност на кус рок и согласно тоа, состојбата треба да се мониторира и да се носат конкретни мерки. Министерот Бесими посочи дека Владата уште на почетокот на кризата во март донесе антикризен пакет во вредност од 400 милиони евра, како и дека наскоро ќе се излезе и со нови таргетирани мерки. На среден рок, глобално, се очекува стабилизирање на синџирите на добавување и забрзување на економската активност, што секако ќе се одрази поволно и на домашната економија како исклучително отворена.