Веб страницата CRNOBELO.com оваа година одбележува 15 години од своето постоење. Извршниот директор Игор Поповски на 42. „Бизнис кафе“ ги откри првите моменти, за кои вели биле тешки, дури навирале и мисли за целосно откажување од идејата за интернет портал. Денес е горд што таква одлука не донел, туку ги издржал годините во кои работел две работи паралелно. Но како се родила идејата за „Црно-бело“?
„Желбата да имам нешто на интернет започнува пред да бидат достапни социјалните мрежи. Тогаш голем дел од времето го поминуваме на „Мирц“, односно мирцавме за тоа повозрасните знаат и тогаш во комуникација со еден пријател таму, ми вели отвори ја оваа адреса, јас го прашувам што е тоа, па вели јас напишав нешто, го прикачив на интернет и сега секој може да го види било каде во светот. Тоа беше искрата. Инаку на Црно Бело му претходат неколку веб страници на англиски, каде замислите на почеток беа дека Македонија е мал пазар, дека нема пари и дека не може да се заработува. Но излезе дека на тој странски пазар е тешко да се пробие. Подоцна, по направени анализи на факултети, заклучивме дека има портали во Македонија кои се успешни и заработуваат и дека има простор за нов портал. И така започнавме, ајде дечки да правиме сајт“, вели Игор Поповски, извршен директор на порталот „Црно бело“.
„Три години поминаа со вложување и тешки напори. Јас тие три години бев вработен, од 8 до 17 одев на работа, се враќаш дома, ручаш, правиш половина час пауза, до полноќ работиш на портал, па легнуваш. И така две пол години, по што веќе не се издржуваше. Од дома ми велеа Игор само грбот ти го гледаме на компјутер си цел ден, добрата страна беше што партнерката имаше разбирање за мене, бидејќи и таа беше вклучена, бидејќи некогаш кога си и на одмор, покрај тебе е лап-топот и во моменти треба да започнеш и да работиш“, додава Поповски.
Од денешен аспект гледано Поповски вели дека е среќен што во тие моменти не се откажал и продолжи. Открива дека во тоа време најмногу се рекламираа телекомуникациските оператори.
„Прво се јави едниот оператор, па другиот. И потоа веќе кога имаш такви фирми во референтна листа, полесно е со агенциите. Во тоа време агенциите велеа ако издржите една година, па потоа ќе разговараме за маркетинг кампањи“, додава Поповски.
„Парите да не се примарни“
Поповски вели дека најважно е да го сакате тоа што го работите и да биде примарно задоволството кога ја работите работата, а не парите.
„Нормално треба да има финансиски дел и треба да живееме од нешто, но доколку финансиите се број еден мотивација, нема да успеете. Јас три години давав пари, а ништо не заработував. Седам пред компјутер, не заработувам и си велам, јас ова можам да го правам до крај на живот, без никаква финансиска надохнада, секако доколку не ми зависи егзистенцијата од тоа. Таа мотивација е причината заради која нешто што ќе го правите нема шанси да не успеете. Преку ноќ успех немаше“, вели Поповски.
„Серверот беше најголемиот предизвик на почеток“
Извршниот директор не се сеќава на големи проблеми и потешкотии кои ги имале во овие 15 години, но го потенцира проблемот со веб серверот кој морал да се менува поради растот на бројот на посетители.
„Постоечкиот сервер кој тогаш го имавме знаевме дека е при крај. Во меѓувреме набавивме нов сервер, кој беше кај мене во кола во багажник. Тогаш хостиравме во Штип и одлучивме дека миграцијата ќе биде во наредните денови. Но стариот сервер не издржа, и сајтот стана недостапен. Кога се јавив во дата центарот ми кажаа дека серверот е „мртов“. Веднаш со кола отидов до Штип носејќи го новиот сервер, каде имавме и бек-ап и за неколку часа бевме повторно онлајн“, додаде Поповски.
Веб страницата Црно бело се вбројува меѓу најчитаните интернет портали во Македонија, нудејќи различна содржина, надвор од политика. Авторите на „Црно бело“ секојдневно создаваат текстови кои нема да бидат актуелни само денес, туку може да ги читате со иста вредност и по еден месец или година. Црно Бело оставарува над 100 илјади прегледни дневно.