Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска посети компанија, која работи на сервис и поправка на електрични производи.
Како што информираат од МТСП, целта на посетата на министерката била да се сретне со млади лица кои работат во производство и лично да го промовира Законот за младински додаток.
„Преку овој закон на младите лица до 23 години кои се во производствена дејност им се исплаќа надоместок од државата од 3000 денари месечно. Користењето на ова право прекинува со навршување на 23 години на младите лица. Со ова право во 2021 година биле опфатени вкупно 2500 лица, додека во 2022 година бројката се зголемила на 3500“, соопштуваат од Министерство.
Тренчевска била пречекана од страна на управничката на компанијата, од која била информирана дека моментално во компанијата има вработени вкупно пет млади лица до 29 години, додека четири од нив се до 23 години. Едно од лицата веќе три години, односно од денот на вработување го користи правото на младински додаток.
Министерката за време на нејзината посета во погоните за работа разговараше со вработените кои не ја искористиле мерката за младински додаток и ги советуваше за чекорите до користење на надоместокот од 3000 денари. Од страна на младите беше прифатен ваквиот пристап на информирање на министерката и беше покажан интерес за аплицирање и остварување на ова право.
Посетата на министерката беше заокружена со неформална средба со управителката каде е разговарано и за обновливите извори на енергија.
Управителката информирала дека за задоволување на потребите за електрична енергија поставени се фотоволтаици на половина од површината на кровот. Била изразена и заинтересираност за проширување на оваа инвестиција.