15.8 C
Skopje
сабота, април 15, 2023

Крушево полно со гости за Велигденските празници

ТОП ВЕСТИ

Крушево е веќе резервирано за Велигденските празници. Исполнети се околу 90 насто од капацитетите со гости и посетители. Градот располага со околу 1000 легла, од кои 400 во хотелското и 600 во приватното сместување.


Според Томе Христоски, градоначалник на Крушево, градот е привлечен поради мирот, спокојството што ги нуди и богатата историја.

– Исполнети се речиси 90 насто од капацитетите во Крушево, како во хотелите, така и во сместувањето во индивидуалните куќи. Се бара место повеќе. Има голема раздвиженост во Крушево, се чувствува духот на празникот и на празнувањето. Интензивно работиме на промоција и на привлекување гости во нашето Крушево, вели Христоски.

Интересот на гостите и посетителите го потврдува и Жан Здравески-Шаое, угостител од Крушево.

– Имаме најавено гости, веќе 90 насто се букирани сместувањата. Еве се најавуваат и учесниците во параглајдинг-првенствата и очекуваме голем број посетители, вели Здравески.

Во градот веќе пристигнаа и нашинците и нивните гости од странство. Ангел Николов од Штип, кој живее во Малме, Шведска, го затекнавме со неговите гости во Крушево.

– По потекло сум од Штип. Живеам во Шведска, па донесов мои пријатели од Малме, Шведска да го посетат Крушево како единствен град каде влашкиот е еден од официјалните јазици. Имам влашко потекло па ги донесов пријателите да го видат и тој дел од Македонија, вели Николов.

– Јас сум од Шведска, а оригинално потекнувам од Германија. Патуваме. Знам за Крушево дека има влашко население. Ова ми е и прва посета на Македонија, вели Јасмин Фергусон.

Крушевчани за Велигден ги почитуваат обичаите и традициите и им посакуваат добредојде на сите гости и посетители.

Велигденските празници се голема најава за пролетната и летна сезона во највисокиот град на Балканот. Крушево годинава е и град на културата.

– Интензивните настани се веќе во следниот месец, во мај. Најавено е темелно чистење на градот. Од 12 до 14 мај е манифестацијата „Крушево треал челинџ“, од 19 до 21 мај е „Крушево трофи“, од 26 мај е 13 традиционален турнир во мал фудбал „Тодор Проески“ кој го организираат заедно Крушево и Нова Градишка од Хрватска. На 26 мај е и официјалното отворање на манифестацијата „Крушево – град на културата“. Во мај е и Балканското првенство во џудо со 12 земји учеснички и околу 450 натпреварувачи. Со нив ќе стигнат бројни гости и посетители. Од 16 до 18 јуни е „Гитар фест“, од 30 јуни до 2 јули е манифестацијата „Кога си во Крушево ( When in Krusevo“), од 12 до 21 јули е најголемиот извиднички камп со над 1 500 учесници од Македонија и од странство, потоа е манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, од 19 август е „Крушево низ корија“, па ски купот „Тоше Проески“, пливачкиот маратон на Крушевското езеро. Тука се меѓународните параглајдинг натпревари со Белгиското и Германското првенство, Светското првенство во змејарство и седум меѓународни параглајдинг натпревари, објаснува крушевскиот градоначалник Христоски.

Инаку, иако немаше снег првите три месеци, во Крушево имаше над 15 000 гости и посетители, за 40-тина насто повеќе од лани.

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО