„Тешко разочарување е кога гледам како истите луѓе што жестоко протестираа против дискредитацијата на неистомислениците што ја правеше ВМРО-ДПМНЕ и се бореа против тоа, сега го прават истото. Поминаа само 6-7 години од времињата кога вмровските курири нè бележеа со црвени крукчиња, па дочекавме сега СДСМ својата курирска мрежа да ја користи за дискредитација и омаловажување на секој што мисли поинаку од партијата. Спружувања на насловна допрва следуваат.
Не само што ги пронајдоа, туку добро ги проучија и во пракса ги унапредуваат тефтерчињата на Мартин Протоѓер и Илија Димовски, па со неверојатна брзина ги отуѓуваат луѓето кои во Шарената револуција им верувале дека тоа зло на нечесно владеење на ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да се повтори.
Да се бореа за „нема правда, нема мир“ со истата жестина со која се борат против тие што им укажуваат на грешките, немаше да дојдат до ситуација забрзано да создаваат непријатели од оние кои верувале дека делат заеднички вредности. Штом ја доведоа партијата до тоа дереџе, не црвени елеци, туку ни црвени појаси за спасување не им помагаат. А и нам богами, согласно изборот што ни преостанува“, пишува Горан Михајловски во својата колумна „Сакам да кажам“.