Според последните информации кои доаѓаат од состојбите во подрачјето на југоисточниот дел до Турција, бројот на загинати граѓани, потврдени од турските надлежни институции, надмина 1.500, додека бројот на повредени засега е околу 10 илјади. Како последица на земјотресот уништени се над 3.700 објекти.
Најтешко се погодени десет града, меѓу кои: Газиентеп, Кахраманмарас, Хатаи, Османије, Адијаман, Малатија, Санлиурфа, Адана, Дијарбакир и Килис. Во овој регион нарушена е нормалната комуникација, а сложените временски услови проследени со исклучително ниска температура, снежни врнежи и намалена видливост, дополнително го отежнуваат справувањето со последиците.
Деветте државјани на Република Северна Македонија, кои беа затекнати во загрозеното подрачје (осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција), според последните информации се на безбедно и не се во животно – загрозувачка состојба. Се работи за ученици во средно училиште од Гостивар, при што учениците доаѓаат од поширокото соседство – Маврово, Тетово итн.
По инструкција на МНР, Амбасадата во Анкара испрати дипломат заедно со дополнително возило – комби – со кое загрозените граѓани ќе бидат упатени на безбедна локација од каде ќе го продолжат патот кон земјава.
Последните информации говорат дека за едно од децата кое има скршеница, направена е првична медицинска санација, и истото е подготвено за патување и заедно со групата ќе биде упатено назад кон земјава, штом дипломатот од Амбасадата во Анкара пристигне на лице место.
И последните информации од Амбасадата во Анкара, и Генералниот конзулат во Истанбул добиени во 18:30 часот (16:30 МКД време) нема други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, а нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.
Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732.