6.8 C
Skopje
среда, април 5, 2023

Дали растот на платите во администрацијата ќе донесе подобар живот од пред 5 години? Анализа на ПАРИ.мк

ТОП ВЕСТИ

Новиот закон за систем на плати во јавниот сектор е на јавна расправа до 15 февруари. Претпоставките за новата пресметка, заедно со растот на минималната плата, кој според законската регулатива треба да се случи во март, се влезени и во Буџетот за 2023 година. Податоците покажуваат дека во сегашниот буџет за плати и надоместоци има речиси 27 милиони евра повеќе отколку што имаше во ребалансираниот буџет за 2022 година.


Порталот Пари со расположливите бројки се обиде да го анализира животниот стандард на вработените во јавниот сектор ‒ дали тој се подобрил со растот на износот што се одделува за плати и надоместоци, земајќи го предвид и растот на трошоците за живот?

Трошоците за плати и надоместоци од Буџетот за јавниот сектор од година во година се зголемуваат. Тое е и логично ако се земе предвид дека и нивните плати треба да растат. Според податоците од Регистарот на вработени во јавниот сектор, што го води Министерството за администрација и информатичко општество, бројката во последните 5 години се движи околу 132.000 вработени, и нема некои големи осцилации, за растот на трошоците да се припише на растот на бројот на вработените. Но, исто така, сите што се во јавен сектор не земаат плата од Централниот буџет.

Податоците покажуваат дека пред 5 години се реализирани 428,5 милиони евра за плати и надоместоци од државната каса, а за годинава се планирани дури 138,6 милиони евра повеќе.

Забелешка: Од 2018 година, заклучно со 2021 година, расходите се реализирани според завршните сметки, за 2022 година (последен ребаланс) и за 2023 година се прикажани планираните износи

Она што може да се заклучи од бројките е дека износот за плати и надоместоци од 2018 година (428,5 милиони евра) до годинешниов планиран расход (567,1 милион евра) се зголемил за 32,4 проценти. Од друга страна, калкулаторот на Државниот завод за статистика покажува дека во декември 2022 година, во однос на пред 5 години, инфлацијата е 28,95 проценти. Ако се земе предвид дека и годинава ќе има инфлација, тоа дополнително ќе го зголеми процентот на порастот на трошоците за живот во однос на оние со кои сме стартувале во 2018 година. Така, според овие податоци, иако се зголемиле трошоците за плати и надоместоци на јавната администрација, нивниот животен стандард нема да се подобри. Енормниот раст на инфлација што се случи во минатата година и кој ќе продолжи со забавено темпо годинава, ги „изеде“ парите, иако имало години кога имало поголем раст на расходите за плати од растот на инфлацијата.

Годишен раст на расходи за плати и надоместоци и годишна инфлација

Податоците од Министерсвото за финансии покажуваат дека процентот што се одделува за плати и надоместоци се намалува. Но, треба да се земе предвид дека последниве години имаме кризен буџет, со многу пари за антикризни мерки, и тој е зголемен за тие пари, па затоа излегува дека има намалено учество на расходите за плати и надоместоци.

Сооднос на вкупните расходи во Буџетот со расходите за плати и надоместоци

Забелешка: Од 2018 година, заклучно со 2021 година, буџетските расходи се реализирани според завршните сметки, за 2022 година (последен ребаланс) и за 2023 година прикажани се планираните износи

За жал, во Македонија, за разлика од многу други земји, нема податоци за просечната плата во јавниот сектор. Исто така, нема синтетизирана бројка колку точно вработени земаат пари исклучиво од Централниот буџет. Дел од вработените од јавниот сектор делумно се на буџетот, така што се префрлаат таканаречени блок-трансакции, но институциите или јавните претпријатија во кои работат, имаат и свои приходи.

Последни податоци за вработените во јавниот сектор се објавени за 2021 година, од страна на Министерството за информатичко општество и јавна администрација. За 2022 година ќе се објават во март.

Податоци за вработени во јавниот сектор

Добивај вести на Telegram

Добивај вести на Telegram

ПРОЧИТАЈ

ПОСЛЕДНО