Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска рече дека војната во Украина многу сериозно ги погодила општините во земјава и им ги зголемила трошоците.
Според него, за првите девет месеци минатата година трошоците за енергија на општините се зголемиле за една милијарда денари.
-Општините тој трошок се обиделе да го надоместат со намалување на капиталните инветсиции, но таа милијарда ја надоместиле со намалување на капитални инвестиции за 1,9 милијарди или двојно повеќе и притоа ги зголемиле долговите за дополнителни 800 милиони денари. Тоа зборува за катастрофално лошиот или нерационален однос кон развојот на општините и кон граѓаните, истакна Пенов на годишната конференција „Година на нови можности“.
Како што оцени министерот, финансиската децентрализација не е искористена.
-Не е мрднато чекор напред и тука најиздашниот извор на приход, данокот на имот, е најмалку искористен. Се смета дека преку 70 отсто од објектите не се евидентирани за да се оданочуваат. Комуналиите кои општините ги доживуваат како најинтересен извор на приход се исти веќе 20 години, а гледаме дека околу нас се градат екстремно профитабилни проекти. Цените на становите растат, а комуналиите не успеваат да ја финансираат обврската на општината за дадениот објект и се држат на ниско ниво. Да не зборувам за комуналните услуги каде има чист популизам. Во такви услови, спасот се бара во „дајте ми државни пари“, „дајте ни можност да се задолжуваме“, а сопствените ресурси кои се на располагање не се користат, потенцира Пенов на панелот „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделството“.
Share