„Да расчистиме дека нема две Бугарии. Бугарската политика во однос на Македонија е една и има консензус по ова прашање. Проблемот е кај нас дома. Ако вака продолжиме да се понижуваме ќе дојде време кога ќе почнеме секое утро да и се извинуваме на Софија за секој случај, да не се случи нешто“.
Ова се поентите на поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој беше гостин во „Да си кажеме“ на Утринската програма на Телма.
Според него, мора да почнеме да се однесуваме како држава да престанеме еуфорично и со страв да делуваме, да седнеме на широка дебата внатре, власт, опозиција, невладин сектор, академска заедница.
„Да гласаме за промена на Уставот и внесување на Бугарите, но тоа да стапи на сила на денот на зачленување на Македонија во ЕУ. Така и Софија ќе има мотив да не поддржува на европскиот пат. Ваквата негаторска политика е штетна и за Бугарија. Тие место да не направат пријатели и блиски соседи направија од нас непријатели. Нам ни треба помош од Париз и Берлин, тие да го гарантираат постоењето на македонскиот јазик“, вели Димитров.