Поглед:
339
Протестите во Скопје, кои не требаше воопшто да прекинат, покажаа интересен сплет на граѓани и причини поради кои истите протестираат. Покрај партиски активисти имаше огромен дел неопределени граѓани, со желба да го изразат својот револт против францускиот предлог за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ.
Но два од најспротиставените субјекти, кои се појавија на истите протести беа екстремистичката антиЕУ партија Левица на Димитар Апасиев и граѓанското проЕУ политичко движење, за кратко и партија, Македонски Концепт на Петар Богојески.
Тие два субјекти имаат целосно спротивна идеолошка и програмска определба, едните се тврди антиЕУ и антиНАТО ориентирани, а другите се тврди проЕУ и проНАТО ориентирани, но протестираа заедно пред Владата и Собранието на Македонија.
Ако главната причина за граѓанските протести и образложението на граѓаните за нивното присуство на истите беше фактот што францускиот предлог НЕ ГИ ОТВАРА, туку ги спречува реалните преговори за членство на Македонија во ЕУ и истите ги става во подредена заложничка драма под Бугарија, тогаш еден од овие два политички активисти не е искрен во намерите.
Конкретно, францускиот предлог спречува почеток на преговори помеѓу Македонија и ЕУ и истите ги условува со исполнување на желби од Бугарија. Тоа значи дека францускиот предлог им одговара на антиЕУ политичарите, кои на тој начин ќе успеат да промовираат други алтернативи освен ЕУ, како Евро-азиската унија на Русија и сл. Францускиот предлог дирекно ја помага реализацијата на програмата на Левица и активизмот на Димитар Апасиев. Тогаш зошто тие протестираат против самите себе?
Ако францускиот предлог спречува почеток на преговори со ЕУ, а тоа значи и членство во Унијата, сосема логично е да протестираат проЕУ партии и ликови како Македонски Концепт и Петар Богојески, кои инсистираат на членство на Македонија.
Францускиот предлог не става во подредена положба под Бугарија, а Македонија нема да започне преговори со ЕУ, а со тоа и нема да стане членка на Унијата следните децении, беше ставот на Богојески кога повика на масовни протести со слоганот “Можеме поинаку во ЕУ“! Дури Богојески бараше да се протестира со знамиња на ЕУ, а не истите да бидат спалувани.
Тогаш сосема логично е проЕУ активистите да протестираат и да се борат за европска интеграција, која е попречена со францускиот предлог.
Ако ја имаме оваа логична анализа, тогаш кој е идеалистот, а кој е популистот помеѓу Богојески и Апасиев или која партија протестира поради идеалистички, а која поради популистички причини, Македонски Концепт или Левица?
Ако францускиот предлог попречува европска интеграција, тогаш Левица треба да го поддржи и да прославува, а Македонски Концепт треба жестоко да протестира, токму од идеолошки причини на двете политички организации.
Но очигледно, Левица од популистички причини, осетувајќи го огромното незадоволство на граѓаните од францускиот предлог, со цел да добие евтини политички поени, си протестираше самата против себе. Левица протестираше против своите наводни идеали и програмски определби, што е дефиниција за гол популизам.
Но за жал Македонците цело време лесно паѓаат на популизам, а го исмеваат идеализмот, за што и доживуваме вакви катастрофи последниве 30 години.