Војната во Украина ни покажува колку е важно потпишувањето на Преспанскиот договор. Потпишувањето на овој договор ни ги отвори портите на НАТО и заедно сме превенирале терористички напади во државата и пошироко. Значајно е дека сме го направиле вистинскиот чекор и одлука, државничка одлука со потпишување на овој договор, изјави денеска пратеникот Арбер Адеми од ДУИ по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Парламентот.
Војната во Украина, како што рече, го итнензивираше фокусот на ЕУ во смисла на политиката на проширување.
– Ги започнавме преговорите и очекуваме овој фокус да продожи со заокружување на процесот. Секако дека максимално го поддржуваме и стратешкото партнерство со САД. Впрочем САД бил наш поддржувач во многубројни реформски процеси од времето на осамостојување. Само вака преку еден партнерски однос и релација со САД можеме да дојдеме до тие цели за кои се стремиме, рече Адеми.
Во однос на „францускиот предлог“, Адеми рече дека тоа беше едно од најкрупните прашања со кои се соочивме како општество, истакнувајќи оти е жално што се соочивме „со голема поларизација во нашето општество“.
– Како политичари, политички партии и општество ни преостанува една од клучните теми, а тоа се уставните измени. Секако без притисок, но треба да носиме државнички одлуки. Ќе се направи јасна дистинкција меѓу македонски народ и бугарски народ и тука треба да се спомене дека преку прифаќање на „Францускиот предлог“ се призна и официјалниот македонски јазик како еден до официјалните јазици на ЕУ, рече Адеми.
Тој даде свое видување и за недовербата на граѓаните во домашните институции, потенцирајќи дека ДУИ има конкретно решение – Предлог-закон за ветинг кој ќе ги опфаќа сите политичари, но и судиите, обвинителите и полицијата.
Адеми рече дека треба сите политички партии да работат заедно на креирање широк проевропски фронт за да ги заокружиме нашите старешки цели.
Прашан дали ДУИ се откажува од преговори со албанските политички партии околу промената на формулацијата во Уставот „јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението“ во албански јазик, Адеми рече дека не се откажуваат, меѓутоа потенцира дека тоа не е условување.
– Партиите од македонскиот политички блок немале ништо против, тие биле подготвени и верувам се уште се подготвени тоа да се инкорпорира. Со предвидување на друга достоинствена формулација ништо практично нема да се смени. Тоа воопшто не е условување и не е услов, рече Адеми.