Државата е стабилна, нема ризик од дестабилизација, смирува министерот Османи по серијата лажни дојави за поставени бомби и апелот на германското МНР до нивните државјани да бидат внимателни ако патуваат во Северна Македонија.
За проблемот со дојавите е информирана НАТО Алијансата, а процесот го води МВР од каде побарале помош од партнерските земји кои се соочуваат со истиот проблем. Османи оценува – заканата доаѓа од надвор, и како што рече – не е игра на тинејџери.
Прашан за укинувањето на пресудата за екс-директорот на УБК Сашо Мијалков, Османи на брифингот со новинарите истакна дека Апелацискиот суд ќе мора да им образложи на граѓаните зошто донел ваква одлука, посебно што случаите како „Таргет- Тврдина“ се мониторираат од Европската унија и може да се рефлектираат на наредниот извештај за напредокот на земјата.
Министерот очекува деновиве да се одржи консултација со претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се донесе одлука дали поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски ќе биде новиот амбасадор во Франција, по случајот со државјанството на бизнисменот Онишченко.