Од утре се очекува постепено намалување на цените на основните прехранбени продукти, како резултат на одлуката на Владата за замрзнувањето на маржите и субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија.
Граѓаните како крајни потрошувачи утре нема да го почувствуваат намалувањето на цената, но производителите треба да ја намалат за маркетите, а потоа и тие да ја намалат цената на рафтовите.
Министерот Крешник Бектеши на ТВ21 порача дека од утре ќе има засилени контроли.
Тоа значи дека онаму каде што ќе биде утврдено дека не е намалена цената, а инпутот струја во финалниот производ влијаел за намалување на трошоците на компаниите, ќе бидат преземени мерки. Порача дека кризата не смее најмногу да се одразува на граѓаните.
„Јас очекувам од утре сите тие производители, сите тие производи кои се наведени во одлуката на Владата во делот на замрзнување на маржата, да имаат намалување најмалку од 10 проценти. Веќе имаме кај маслото за јадење одредено намалување. Утре се очекува дополнително намалување во делот на лебот и на месните производи и така следствено да продолжат намалувањата на другите производи…“, вели Бектеши.