Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека поради владата на СДС и ДУИ, Македонија се соочува со економска катастрофа и драстично осиромашување на народот.
Според нив, тоа го покажува и новиот извештај на Светска Банка според кој Македонија е во првите десет земји во светот кои имаат највисока реална инфлација во храна.
„Оваа стапка се пресметува како инфлација на цените на храната минус вкупната инфлација и резултатите се поразителни. Од Европските земји пред нас е само Унгарија, а со Турција ја делиме позицијата. Други европски земји нема, туку сите останати се од Африка.
Катастрофални параметри измерил и Државниот завод за статистика во октомври, според кој цените за храна во октомври се повисоки за 32,4%. Но ако се земе предвид поскапувањето на основните намирници за над 50%, тогаш осиромашувањето на народот е далеку поголемо. Народот ќе трпи за леб, а на Ковачевски око не му трепнува.
Владата на Ковачевски не направи ништо ова да го спречи. Напротив тие времето го трошат на тендери и лично богатење додека народот се соочува со рекордни стапки на инфлација кои се едни од највисоките во Европа и светот. Цените беснеат, долгот забрзано расте, енергетската криза станува се поголема, а Македонија со Ковачевски како по правило секогаш има најлоши параметри во споредба со другите земји.
Оваа неспосбна и криминална власт мора да замине. Народот премногу скапо ја плаќа нивната неодговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.