Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска упатил писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери, како и до претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кое укажува на потребата од што побрзо донесување на законите од земјоделската сфера.
Како што истакна денеска Николовски при промоцијата на Националната рурална мрежа, во земјоделските закони нема политикантство и со нивното усвојување ќе се овозможи имплементација на голем број нови мерки, битни посебно сега, во услови на криза.
-Секој ден има некој нов закон на ЕНЕР кој влегува и во соодветна постапка. Тоа беше и причината денеска да упатам писмо до претседателот на Парламентот и до претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, зашто голем број од законските решенија од земјоделството во кои нема политикантство и политика треба што побрзо да се донесат, посебно зашто голем дел доаѓаат од ИПА проектите, а со тоа овозможуваме и нови мерки како што се советодавните услуги, мерка за која многу долго се зборува, но треба да се направат и конкретни чекори, рече министерот.
Тој ја посочи и мерката „паметно земјоделство“ чија имплементација, потсети, треба да почне од следната година.
-За оваа мерка и многу други програми се обезбедени средства, но сега зависи колку ќе одработиме за толку повеќе да бидат потрошени средствата од буџетот за земјоделството и за производството на храна, за да не се случи нивно кратење догодина со ребалансот, како и пренасочување во некое друго министерство и за други потреби, истакна Николовски.